Традиционална новогодишна изложба „Графика Мал формат 2021″


Факултетот за ликовни уметности од Скопје ја реализира традиционалната новогодишна изложба „Графика Мал формат 2021″, која ќе биде отворена во 12 часот, во малата галерија на ФЛУ во објектот Сули-ан во Старата скопска чаршија.

Од 90-те години на минатиот век, секоја година Катедрата по графика на ФЛУ традиционално ја организира оваа изложба, во малата галерија која е дел од вонвременскиот објект и споменик на културата – Сули ан.

На изложбата ќе бидат претставени дела на студентите од прва до четврта година на прв циклус студии од област графика. Ќе бидат изложени 50 графики изработени во мал формат (A4), во традиционални и експериментални графички техники, со автентичен и индивидуален пристап на секој учесник.

Целта на оваа изложба е да ги афирмира изразните можности на малиот формат во современата ликовна практика, да се промовира младото/студентско графичко творештво и македонската графика воопшто, како и да се зачести контактот со љубителите на ликовната уметност.

Изложбата е од продажен карактер и ќе биде поставена до 20 јануари.