Тотенхем заигра во својот нов велелепен дом


Се чекаше доволно долго, се одложуваше преселбата неколку пати, се играше на „Вембли“, но… на сето тоа му дојде крајот и новиот дом на Тотенхем вреден милијарда фунти изгледа навистина импресивно. Архитектонската фирма „Популус“ со седиште во Канзас, Лондон и Бризбејн креираше комплексен и иновативен објект кој лежи на истото место како и стариот „Вајт Харт Лејн“. Засега тој го носи името „Стадион Тотенхем“, додека не се избере спонзор по кој ќе го носи името.

Тотенхем вчера на премиерлигашкиот меч против Кристал Палас и официјално се врати на местото на најголемите клупски успеси, откако беше „бездомник“ од крајот на сезоната 2016/2017. Стадионот, чиј терен ќе биде со димензии 105х68 метри, е со капацитет од 62.062 седишта (стариот собираше 36.284 луѓе). Челниците на Тотенхем не се лажно скромни и својот нов стадион, кој, како што најавуваат, ќе биде отворен 365 дена во годината, го нарекоа најдобар во светот. Тој е најголем во Лондон (не сметајќи го „Вембли“) и втор по големина во Премиер-лигата, по „Олд Трафорд“ на Манчестер јунајтед (74.994 места).

Стадионот ќе биде повеќенаменски. Освен за спорт ќе се користи и за низа културни настани и концерти. На него ќе се играат и натпревари од НФЛ лигата. За сите оние кои мислат дека американскиот фудбал ќе ја уништи подлогата и дека Тотенхем ќе игра на „изорана нива“ има добра вест. Новиот стадион е прв во светот со подвижна подлога. Синтетичката подлога на која ќе се играат натпреварите од НФЛ се наоѓа на дното, а над неа се наоѓаат три сектори природна трева кои ќе можат да се дисцлоцираат на многу едноставен начин – за само 25 минути и ќе може се чуваат во „гаража“ десетина дена.

Во импресивната внатрешност е инсталиран најголемиот стадионски екран во Европа, со 325 квадратни метри. Трибините се поставени така што седиштата од првите редови не се оддалечени повеќе од осум метри од теренот (на „Емирати“ навивачите на Арсенал се оддалечени 13, а на „Вембли“ 18 метри), а многу се размислувало и за акустичноста, за да се осигури што е можно подобра атмосфера. За оние што можат да си дозволат, има 8.000 премиум-седишта, а постојат и 265 места за инвалидски колички и три реони за оставање кучиња. На стадионот има и хотел со 180 соби.

Јужната трибина (едноделна) е со капацитет од 17.500 седишта и е слична на трибината „Коп“ на Ливерпул и на „жолтиот ѕид“ на Борусија Дортмунд. Висока е повеќе од 34 метри. Пред стадионот има 115 контролни точки за влез, каде што се скенираат билетите.

Цените на сезонските билети за возрасни ќе се движат од 795 до 2.200 фунти (од 930 до 2.570 евра), а за помладите, под 18 години, помеѓу 465 и 658 евра.

Претставувањето на ултра модерниот стадион остави навистина многу интересни моменти зад себе, но сепак на социјалните мрежи посебно внимание привлече една ситница од подтрибинските простории, односно од барот каде што се служи пиво за фановите. Новиот дом на Тотенхем на своите навивачи ќе им нуди и нов начин на точење пиво, а со оглед на тоа што станува збор за исклучително специфична технологија, на интернет се рашири инфоирмацијата дека на новиот стадионт се точи „магично пиво“. Сѐ уште се одгатнува како чашите со пиво се полнат од долу нагоре.

„Ова е неверојатно”, изјави тренерот Маурисио Покетино за првиот впечаток од новиот стадион на Тотенхем. „Го имам она исто чувство како последниот ден на „Вајт Харт Лејн“, кога сите плачевме. Првиот ден тука ја носи истата емоција. Нашиот сон се оствари”, рече Покетино по минатонеделниот ревијален натпревар (за фудбалери до 18 години) помеѓу Тотенхем и Саутемптон (3-1). Покетино му се заблагодари на претседателот Даниел Леви и на одборот на Тотенхем за нивната визија. Тој им се заблагодари на навивачите за нивното трпение. Менаџерот на лондончани вели деке сигурен дека Тотенхем направи вистински потег со изградбата на новиот дом.

„Ова е еден од најдобрите стадиони во светот и се надевам, и посакувам, иднината на овој клуб да биде фантастична”, додаде тој.

„Ние сме на многу добро место во Премиерлигата и имаме голем предизвик во Лигата на шампионите. Со 62.000 навивачи тука зад нас, ќе биде фантастично да играме на секој домашен меч. Ние сонуваме и соновите можат да станат реалност“, поентираше менаџерот на лондонскиот тим.

Долг беше процесот на изградбата на стадионот. Се градеше цели три години, Комапнијата „Мејс“ беше надлежна за изведбата на стадионот, а во еден момент благодарејќи на „хаотичниот менаџмент“ имаа и 4.000 вработени на проектот. Наводно и струјната мрежа била два пати ставена и вадена бидејќи на електричарите не им било кажано дека прво треба да бидат ставени разладувачките уреди. Во текот на изградбата изби и скандал кога луѓе во униформите на компанијата во утринските часови беа видени со голем број лименки, а во тоалетите беше пронајден и кокаин. Компанијата тврдеше дека во текот на работата постоела строга контрола на алкохол и недозволени супстанци. Леви изјавуваше дека одложувањата се „разочарувачки, скапи и фрустрирачки“, но дека нема да има компромис околу презентацијата на нешто „извонреедно за нашите навивачи“. (Н.К.)