„Тотенхем“ го декласира „Манчестер јунајтед“ со 6:1


Манчестер јунајтед загуби од Тотенхем со 1:6 на домашен терен во мечот од 4. коло на англискиот шампионат.

Екипата на Оле Гунар Солскјер поведе од пенал уште во 2. минута преку Бруно Фернандеш, а потоа прими шест гола. Стрелци за Тотенхем беа Сон Хеунг Мин и Хари Кејн по двапати, Серж Орие и Тангуј Ндомбеле.

Од 28. минута домаќините играа со фудбалер помалку поради црвениот картон на Ентони Марсијал.

„Црвените ѓаволи“ примија четири гола во првото полувреме од натпреварот во англискиот шампионат, првпат од мај 1990 година, кога на полувремето Нотингем форест им водеше со 4:0.

Тренерот на Тотенхем, Жозе Мурињо се огласи по победата над неговиот поранешен тим:

„Манчестер Јунајтед не губи толку многу натпревари и не прима шест голови, се разбира, не секој ден. Историска победа, но на крајот се три бода, три многу важни бода, бидејќи на домашен терен изгубивме пет бода. Се подготвувавме многу добро тактички и психолошки, екипата беше подготвена. Толку подготвен што ударот од пенал во првата минута и водството на противникот не влијаеше на тимот на кој било начин“, изјави Мурињо.

„Некои луѓе можат да кажат дека тоа беше игра против 10 играчи подолго време (во 28. минута беше исклучен напаѓачот на Манчестер јунајтед, Марсијал). Тоа е точно. Но, за мене е исто така точно дека додека бевме 11 на 11 игравме многу добро, им создадовме огромни проблеми, водевме 2:1, и тие не најдоа начини да го задржат нашиот тим“, додаде Мурињо.

Манчестер јунајтед со три бода го зазема 16-то место во поредокот во Премиер лигата. Тотенхем со седум бода е петти.