Тошо Малерот го поддржа Стево Пендаровски, дуото „ДНК“ е за Силјановска-Давкова
Почна изјаснувањето на јавните личности за кандидатите за претседател на државата.
Популарниот лик од легендарните К-15, Тошо Малерот, јавно даде поддршка за кандидатурата на Стево Пендаровски за шеф на државата. Васко Тодоров, актерот кој го глумеше Тошо Малерот, вели дека Пендаровски е единствениот кој се сетил на К-15.
„К-15 е најоригиналниот концепт и најгледна емисија во телевизиската историја на Македонија. Тоа е факт. А Стево Пендаровски е единствениот човек којшто се сети да ни даде официјално државно признание за К-15. И тоа е исто факт“ рече Тодоров.
Јавна поддршка за втор мандат за претседателот Стево Пендаровски преку социјалните мрежи започнаа да даваат голем број на граѓани, активисти, писатели.
Вчера јавна поддршка даде архитектот и политиколог Тони Поповски, кој порача дека Пендаровски е умерен политичар кој обезбедува смирувачко присуство во политичкиот простор и има капацитет да посредува помеѓу лутите партиски ривали. Бизнисменот и писател, Зоран Спасов – Ѕоф напиша дека Пендаровски е единствениот урбан лик во било која политичка гарнитура до сега и кажа дека му се допаѓа што Пендаровски не се потчинува на власта и се грижи за спортот и културата.
Популарното музичко дуо „ДНК“, пак, јавно ѝ искажа поддршка на пратеничката и професорка Гордана Силјановска-Давкова, која се пријавила на јавниот повик за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата.
Панчо и Андреј, кои се членови на дуото, порачаа дека е време Македонија да добие мајка која достојно ќе ги застапува македонските интереси, и открија дека таа била првата личност која им ја честитала добиената награда „13 Ноември“.
„Оваа скромна госпоѓа, професорка, активистка, Македонка и мајка пред сѐ, без грам его прва дојде да ни ја честита добиената награда ’13 Ноември’“, напишаа тие на социјалните мрежи.