Тошковски: Врсник го избодел 13-годишното дете кое се бори за животот


Фото: Б. Грданоски

Сите учесници во инцидентот во скопската населба Чаир, во кој со нож беше повредено 13-годишно дете, се обезбедени од страна на полицијата – изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски појаснувајќи дека се приведени вкупно пет лица.

Според министерот, повреденото дете се наоѓа во многу тешка здравствена состојба и се бори за животот.

– Едно лице моментно е во многу тешка здравствена состојба, се бори за животот. Станува збор за малолетник, а во согласност со првичните информации добиени од службите во Министерството, и оној што го врши кривичното дело исто така е малолетник. Детето со тешки телесни повреди и детето што ги нанесува се иста генерација, родени 2012 година – изјави министерот, кој денеска ги поздрави учениците примени во Средното полициско училиште „7 Мај“ по повод почетокот на нивното образование.

Тој оцени дека пораката од овој кривично-правен настан е страшна, притоа истакна дека ваквите ужасни сцени од аспект на кривични дела претставуваат предизвик не само за држави како нашата туку и за големите и развиени земји членки на Европската Унија.

– Станува збор за сторување ужасно насилни кривични дела од страна на малолетници, каде што кривично-правниот општествен одговор е многу поинаков отколку кога станува збор за одговор насочен кон полнолетни лица. Овде мораме како општество малку подлабоко да навлеземе и мора да има поширок институционален одговор – и од страна на надлежните министерства и од сите општествени чинители, од родителите, социјалните центри, МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование, здравствените центри и Министерството за здравство. Навистина ова е еден од најужасните предизвици што ги имаме пред нас – порача министерот Тошковски.