Тошковски потврди: Ова беа демократски избори, ќе има само две кривични пријави


Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денот на кој се гласаше за прв круг претседателски избори го прогласи за мирен и со незначителни нерегуларности.

„Со задоволство сакам да истакнам дека денешниот изборен ден помина во демократска атмосфера како резултат на добрата соработка на полицијата, Државната изборна комисија и другите чинители, поради што денот помина без поголеми инциденти“, рече Тошковски.

Министерот рече дека се евидентирани 12 фотографирања на изборно ливче, две кинења на изборно ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање. Ќе следуваат две кривични пријави – една за повреда на тајност на гласање и една за повреда на избирачко право.

„Ова беа успешни, мирни и демократски избори на кои граѓаните слободно го остварија своето право на глас“, заклучи Тошковски по затворањето на гласачките места.