Тошковски не гледа причина за интерпелација, водел борба против криминалот


Интерпелација е демократско право на секоја опозиција во рамки на демократска држава. Лично ако ме прашате, сметам дека ова е само обичен дефокус на македонските граѓани од вистинската борба против криминалот и корупцијата, која што се спроведува и ќе продолжи да се спроведува со посилен интензитет, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој одговорајќи на новинарско прашање во врска со четири интерпелации кои коалицијата „Европски фронт“ ги поднесе за него, за неговиот заменик , Астрит Исени, како и за работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, потенцираше дека сака да ги слушне аргументите на опозицијата, а тој во неговото излагање ќе ги изнесе сите факти кои се на страна на вистината.

-Чудно е зошто сега, кога борбата против криминалот и корупцијата е видлива за граѓаните, се поднесува интерпелација од страна на само еден дел од опозицијата. Но, еве да видиме кои ќе бидат нивните аргументи. Би сакал да ги чујам аргументите, и во моето излагање ќе ги изнесам сите факти кои што се на страна на вистината. Мислам дека најголем одговор на тоа кој работи во интерес на сите граѓани е токму она што денес го правиме. Овие управни служби кои ги отвораме не се први, туку се четврти по ред и повеќе од сто илјади граѓани, во рамки на помалите општини, ќе можат да почуствуваат добробит на вистинското работење на институциите. Народот е тој кој што суди, народот е тој кој што оценува. Се виде како работеа тие пред нас, а гледа народот како работиме ние денес, изјави Тошковски, за време на неговата посета во Желино, каде што е отворена новата канцеларија на Управните служби на МВР.

Тој посочи оти е нејасно зошто откако СДСМ изјавија дека нема да ја поддржат интерпелацијата, повторно бараат негова оставка.

-Нејасно ми е зошто дури и кога изјавија дека нема да ја поддржат интерпелацијата, повторно бараат оставка пак од мене. Малку се најасни, но тие треба да одговорат. Најверојатно прават некоја стратегија како ќе работат во интерес на граѓаните, додаде Тошковски.

Во Собранието денеска на дневен ред се пет интерпелации. Четири интерпелации се поднесени од пратеници на Европскиот фронт против работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени од ДУИ. Петата интерпелација е поднесена од Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути.   

Најголем дел од парламентарните партии и од власта и од опозицијата нема да ги прифатат интерпелациите поднесени против четворицата актуелни владини министри, додека за интерпелацијата на Даути изјавија дека ќе биде изграден став пред седницата.