Тошковски како Џафери: Влета во МТВ да спроведува ред за земањето пасоши

Министерот за внатрешни работи ги прекоруваше вработените пред граѓаните за гужвата. А проблемот е „прозаичен“ - во пунктот нема струја


Вратите во пунктот во МТВ се отворени, граѓаните чекаат, но нема струја

 

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, претпладнево неочекувано се појави во пунктот за издавање лични документи во МТВ заедно со повеќечлена придружба и ги постројуваше вработените пред граѓаните што чекаа, прекорувајќи зошто, наводно, работеле бавно. 

„Зошто вратите се затворени“, „Зошто има гужва“ – им зборуваше Тошковски на молчаливите вработени, како што тоа неодамна го направи техничкиот премиер Талат Џафери на вработените од МВР во Тетово. Со една разлика – Талат Џафери тоа го направи внатре во просториите каде што седат вработените, додека Тошковски ги извади вработените надвор од канцелариите да им дели воспитни зборови пред граѓаните.

Проблемот за гужвата беше прозаичен – во просториите немаше струја.

И уште нема во моментов кога ова го пишуваме, половина час откако Тошковски си замина по поделените лекции за вработените и гужвата. 

Малку светло во темницата во пунктот со помош на мобилните телефони

Сега, по наредбата на министерот, вратите се отворени, но нема струја.

Луѓето чекаат да дојде струјата и да почнат да ги подигнуваат документите.

Како е возможно, во одделението на МВР кое сега е во шпицот на интересирањето, јавните ломови и политичките битки, неколку часа да нема струја. И да не се отстрани проблемот што е можно побрзо.

Една пропагандна политичка сцена е изглумена. Министерот како и премиерот одглумија луѓе од мрамор, кои во интерес на граѓаните ќе ги воспитуваат вработените на ред и трудољубивост. Министерот Тошковски бараше од премиерот Џафери да им се извинел на вработените во тетовското одделение на МВР. дали тој сега ќе им се извини на вработените што силно ги прекоруваше за гужвата, а тие не беа виновни- нема струја.

Сето ова не е во интерес на граѓаните, туку во интерес на партијата пред изборите.

Граѓаните уште чекаат. Струјата никако да дојде. Пасоши почнаа да се издаваат на батериска лампа. (Н.В.)