Тошковски: „Безбеден град“ од 12 октомври ќе се применува и во Охрид, Струга, Кичево и Дебар


Фото: Б. Грданоски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во работна посета на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад, каде со раководствата разговарал за безбедносната состојба и активностите за унапредување на работата на полицијата во овој регион.

Тошковски информира дека во СВР Охрид се привршуваат подготовките за командниот центар, кој е неопходен за примена на системот „Безбеден град“.

„Од 12 октомври планираме „Безбеден град“ да започне со примена и на целата територија на СВР Охрид, односно на подрачјата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар“, соопшти министерот.

Тој посочи дека во наредните две недели треба да завршат преостанатите активности околу командниот центар, по што системот ќе биде ставен во функција и во овој дел од државата.

На состаноците во Охрид, како што информира Тошковски, биле разгледани и активностите поврзани со борбата против криминалот и корупцијата, нелегалната трговија и дистрибуција на дрога, одржувањето на јавниот ред и мир, како и безбедноста во сообраќајот.

Министерот соопшти и дека за првпат е договорено европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС да ги насочи своите активности и кон западната граница на Македонија.

„Очекуваме заедничките активности да започнат на почетокот на идната година, со што дополнително ќе ја зајакнеме контролата на западната граница“, наведе Тошковски.

Тој додаде дека Министерството продолжува со модернизација на полициското работење преку воведување нови технологии и зајакнување на меѓународната соработка со цел зголемување на безбедноста на граѓаните.