Топловодот низ Битола ќе биде готов во 2026 година
Завршен е магистралниот цевковод од „РЕК „Битола“, а низ градот е готов 90 проценти
БИТОЛА – Иако е зима и со врнежи од снег, во Битола интензивно се доградува топловодот, проект од кој граѓаните очекуваат придобивка од економски и еколошки аспект бидејќи ќе се искористува отпадната топлинска енергија од РЕК „Битола“.
Битолчани главно се греат на дрва, институциите на мазут и во зимските месеци загадувањето на воздухот е главен проблем. Новиот топлински систем се очекува го намали загадувањето на воздухот во градот.
Топловодот како инфраструктура низ Битола е поставен речиси во целост и веќе нема да се копа низ битолските главни сообраќајници и да се затвораат улици, како во изминатиот период, туку ќе се доработува по заобиколни позиции, велат од „Топлификација“ – Битола. Во моментов се поставува цевководот пред битолските судови и полицијата.
Се очекува проектот да биде комплетно готов до втората половина на 2026 година.
Проектот е поделен на три дела, реализиран е комплетно првиот лот и изградбата на мрежата која почнува од РЕК „Битола“ до градот во должина од 12,8 километри, а во крајна фаза е инфраструктурата низ градот.
„Магистралниот цевковод е направен, тестиран и ставен под азот, значи конзервиран. Цевководот низ градот е готов над 90 проценти од мрежата. Сега се работи на повеќе локации и се поставува мрежа на која ќе бидат приклучени над 35 државни институции. Овие консументи се претходно договорени и внесени во проектот и за сѐ има дозвола за градба“, изјави Александар Мирчевски, директор на „Топлификација“.
Од влезот на Битола (од страната на Прилеп) од Дулието, топловодот се рашири паралелно преку два крака. Едниот кон населбата Карпош, покрај училиштето „Коле Канински“ и „Партизанска“, а другиот по улицата „Иван Милутиновиќ“ па преку зградите на судовите и Општината, сѐ до Гимназијата „Јосип Броз Тито“ Битола.
„Битолчани реагираа околу сообраќајните гужви при поставувањето на топловодот со прекопување на главните сообраќајници. Но сега битно е да кажеме дека нема веќе да има затворање на улици, копање по сообраќајници, сега останатото ќе се доработи по тротоари и периферни локации“, вели Мирчевски.
Во вториот дел од проектот ќе се гради пумпна станица, станица за хемиска подготовка на вода, за изменувачи, ќе се гради и станица за догревање на водата пред Битола, обврски што треба да бидат завршени до втората половина на 2026 година.
Во третиот дел од изградбата на топловодот што ќе следува допрва треба да се направи санирање на котларницитете во државните институции, бидејќи дел од нив се на мазут, дел на печки на пелети и слично, и сите тие треба да се прилагодат на новиот топловод.
Директорот Мирчевски вели дека планот е до крајот на 2026 година топловодот да се тестира и да се предаде во владение на „Топлификација“ која ќе стопанисува со него.
Битолчани, станари на колективните објекти веќе покажуваат интерес за вклучување на зградите на мрежата на топловодот, особено онаму каде што колективното греење функционира и во станбените комплекси каде имало и претходно котларници.
„Се интересираме преку месните заедници за вклучување на зградите на топловодот, да имаат придобивки граѓаните не само од економски, туку и од еколошки аспект. Ни кажаа дека штом се изгради во целост, ‘Топлификација’ ќе направи ценовник на приклучоци и услуги и дека секаде каде што има услови ќе се приклучат и станбени единици и приватни корисници“, велат станари од новата населба во касарната.
Проектот Топлификацијата на Битола, Новаци и Могила, АД ЕСМ го реализира со кредит од германската КфВ банка во вредност од околу 40 милиони евра, а дополнително компанијата инвестира 7 милиони евра сопствени средства. Топловодот го гради конзорциумот „РБА Термо“, составен од три реномирани фирми: „Гранит“, „Рапид билд“ и бугарската фирма „Атом енерго ремонт“.