Топлото време ги измами влекачите – внимавајте кога одите на Водно


Со порастот на температурите, се зголемува и активноста на влекачите, особено на планинските и шумските подрачја. Попладнево, на социјалните мрежи беше споделена објава за забележана змија на Водно, за која според коментарите станува збор за поскок.

Според објавата, змијата била забележана на патеката од ресторанот „Два Елена“, во близина на капијата кај претседателската вила. „Личи на отровна змија, по шарата и обликот на главата. Чисто како инфо и дополнително внимание, особено ако одите со мали деца“, стои во објавата.

Поскок, позната и како змија камењарка, се смета за најотровна змија во Македонија и во Европа. Во земјава се регистрирани вкупно 16 видови змии, од кои три се отровни, а две полуотровни.

Оваа змија најчесто достигнува должина од околу 85 сантиметри, а може да порасне и до 95 сантиметри. Најлесно се препознава по карактеристичното „рокче“ на муцката, додека шарите се разликуваат според полот – кај мажјаците се поизразени, а кај женките помалку впечатливи.

Отровот на поскокот е токсичен и делува преку хемотоксини кои влијаат на згрутчувањето на крвта. Каснувањето може да предизвика болка, отекување и промена на бојата на кожата, а во одредени случаи и симптоми како вртоглавица.

Апелот до граѓаните е да бидат внимателни при движење во природа, особено во потоплите денови кога влекачите се поактивни.