Топлотните бранови низ Европа предизвикуваат повеќе од 175.000 смртни случаи годишно


Екстремните горештини убиваат најмалку 175.000 луѓе годишно во Европа, каде температурите и понатаму рапидно растат, предупреди Светската здравствена организација, пишува Политико.

Европа е меѓу регионите со најбрзо затоплување во светот, а температурите се зголемуваат двојно побрзо од глобалниот просек. И луѓето во европскиот регион на СЗО „плаќаат највисока цена“ за екстремната топлина, предупреди директорот на СЗО за Европа, Ханс-Хенри П. Клуге.

„Топлинскиот стрес е водечка причина за смртта поврзана со климата во регионот. Екстремните температури ги влошуваат хроничните состојби, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни и цереброваскуларни болести, ментално здравје и состојби поврзани со дијабетес“, рече Клуге.

Европскиот регион на СЗО вклучува 53 земји во Европа и Кавказ, заедно со централноазиските земји како Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.

Проценките на СЗО покажуваат дека во светот имало околу 489.000 смртни случаи поврзани со топлина секоја година во периодот од 2000 до 2019 година. Во европскиот регион се 36 отсто од смртните случаи, или во просек 176.040 секоја година. Севкупно, смртните случаи поврзани со топлина се зголемиле за околу 30 проценти во текот на изминатите две децении.

Клуге ги повика земјите да развијат акциони планови за топлина и здравје, кои се „клучен процес на адаптација“ за да ги направат заедниците поотпорни на топлотните бранови.

Во моментов, повеќе од 20 земји во регионот имаат слични планови, но тоа „не е доволно да се заштитат сите заедници“, предупреди Клуге.

Огранокот на СЗО за Европа, исто така, развива свои упатства за акционен план, кои треба да ги поддржат националните и локалните власти во воспоставувањето на сопствени планови.

„Негативните здравствени ефекти од топлото време во голема мера може да се спречат преку добри практики за јавно здравје, па ако подобро се подготвиме за потопол регион, ќе спасиме многу животи, и сега и во иднина“, рече тој.