Топлотниот бран „Кербер“ зафати големи делови од Европа
Лондон – Топлотен бран зафаќа делови од јужна Европа и северозападна Африка, со потенцијал за соборување на рекордни температури во наредните денови. Се очекува температурите да надминат 40 Целзиусови степени во делови од Шпанија, Франција, Грција, Хрватска и Турција, јавува Би-Би-Си.
Во Италија температурите би можеле да достигнат речиси 49 степени, а во 10 градови, вклучително и Фиренца и Рим, е на сила црвен метео аларм. Локалните медиуми објавија дека оваа недела 44-годишен маж, кој бојадисувал пешачки премин во близина на Милано, колабирал од жештината, по што бил пренесен во болница каде починал.
Неколку туристи веќе колабираа поради високите температури, меѓу кои и еден Британец пред Колосеумот во Рим. Топлотниот бран „Cerberus“, именуван по чудовиштето со три глави пронајдено во пеколот на Данте, ќе донесе екстремни услови во следните неколку дена.
Врвот на температурите се очекува во петок, но горештините ќе продолжат и во текот на викендот. Се очекува во сабота Прага да достигне 36 степени Целзиусови, што е значително повисоко од јулскиот просек од 24 степени. Највисоката температура во Европа од 48,8 степени Целзиусови е забележана во близина на Сиракуза на италијанскиот остров Сицилија во август 2021 година. Минатата година повеќе од 61.000 луѓе умреле поради летните топлотни бранови ширум Европа, според студијата неодамна објавена во списанието Nature Medicine.