Топлотен бран во Азија. Температурите достигнуваат до 45 степени, училиштата затворени


Јужна и југоисточна Азија се подготвува за уште поекстремни горештини, властите ширум регионот издадоа здравствени предупредувања, а жителите бараат одмор од горештините во парковите и климатизираните трговски центри.

Исклучителен топлотен бран погодува делови од Азија веќе цела недела, живата во термометрите достигнува речиси 45 степени Целзиусови, а илјадници училишта им порачаа на учениците да останат дома.

По рекордните температури во Манила, Филипините најавија прекин на наставата во сите државни училишта на два дена.

Најавени температури над 40 степени за Камбоџа, Виетнам, Индија…
Најмалку 30 луѓе починаа од срцев удар во Тајланд годинава. Метеоролошкиот институт предупреди на „тешки услови“, откако температурата на северот од земјата достигна 44,1 Целзиусов степен.

Со веќе високите температури и високата влажност, синоптичарите предвидуваат температури од над 40 степени за Камбоџа, Мјанмар, Виетнам, Индија и Бангладеш.

ОН: Азија се загрева особено брзо
Глобалните температури соборија рекорди минатата година, а Агенцијата за клима на ОН во вторникот предупреди дека Азија се загрева особено брзо.

Научните истражувања покажуваат дека климатските промени се причина за подолги, почести и поинтензивни топлотни бранови.