Топлинските бранови ќе бидат почести и поразорни

Од Долината на смртта до Блискиот исток, од индискиот потконтинент до супсахарска Африка, глобалното затоплување веќе на милиони луѓе им го направи животот неподнослив.
Ако ништо не се преземе да се успорат климатските промени, рекордните температури и смртоносните топлински бранови ќе бидат само полоши, предупредуваат стручњаците.
Најтоплото место на светот официјално е Долината на смртта во Калифорнија. И таму температурите растат.
„Просечните температури во летните месеци се повисоки од пред дваесет години“, вели Аби Вајнс, портпаролка на националниот парк Долина на смртта.
Најтоплиот месец
Втора година по ред, ова лето, таму се измерени дури 54,4 степени Целзиусови. Ако денеска овој податок го потврди и Светската метеоролошка организација, тоа ќе биде највисока забелажана температура откако постојат мерењата.
Според американската климатолошка агенција NOAA, јули 2021 година бил најтопол месец забележан на Земјата.
„Многумина се погодени од овие неподносливи горештини, а најмногу сиромашните“, вели Кулдип Каур, жител на Сри Ганганегар на границата меѓу Пакистан и Индија, за АФП.
Половина свет подалеку, во западна Канада, ова лето температурите одеа преку 40 степени. „Неподносливо. Невозможно е да се престојува надвор“, вели Роза од Ванкувер.
Уште само два степена
Повисоките температури се покренувачка сила за чести и интензивни суши, шумски пожари, бури и поплави, а сѐ почесто топлинските удари се мултиплицираат“, вели климатологот Роберт Ваутард, директор на францускиот институт „Пјер-Симон Лаплес“.
Ако светот се загрее само уште два степена, четвртина од светската популација ќе се соочи со катастрофални топлотни бранови најмалку еднаш на пет години, се наведува во извештајот на Обединетите нации кои ги доби АФП пред самитот кој почнува на 31 октомври во Глазгов.
На бедуините во Саудиска Арабија жештините им се познати
„Мислам дека има најмалку 43 степени, а сега е само 9 часот наутро“, вели Наеф ал-Шамари и додава дека температурата во текот на денот ќе постигне 50 степени.
„Но, нам тоа ни е нормално, навикнати сме. Не сме загрижени“, додава овој бедуин чие семејство со генерации одгледува камили. Не знаат дали растот на температурите може да го загрози нивниот извор на егзистенција.
„Вакви температури може да влијаат и на животните кои добро ги поднесуваат жештините, како камилите и козите, а во опасност е и земјоделството, па екстремно високите температури ќе се заканат на прозиводството на храна“, појаснува Јоргос Зитис од Кипарскиот институт во Никозија.
Легендата вели дека мочуриштата меѓу славните реки Еуфрат и Тигар биле дом на библиската Рајска градина. Жештините се закануваат и на тоа подрачје.
„Температури над 50 степени им пречат на рибите, животните, луѓето и на туризмот“, вели бродарот Разак Џабар, кој размислува да си замине од мочуришните предели во кои израснал.
„Климатскиот состанок на врвот COP26 мора да биде пресвртница. Сите земји мора да се обврзат на нула емисии на гасови до средината на овој век и да претстават јасен, веродостоен и долгорочен план, ако сакаат тоа да го остварат“, рече главниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.