Топлински пумпи и фотоволтаици за комплексот базени Куманово за заштеда на трошоци за енергија


 Општина Куманово ќе инвестира десет милиони денари за топлински пумпи и фотоволатаци за комплексот базени, соопштија денеска од ЈП „Куманово Паркинг“ кои менаџираат со базените.

– Советот и градоначалникот донесоа одлука за распишување тендер за избор на компании за поставување топлински пумпи во вредност од пет милиони. Вториот тендер е за поставување фотоволтаици и тој во износ од пет милиони денари. Очекуваме значително намалување на сметките за електрична енергија, изјави директорот на претпријатието, Сашо Петрушевски.

Пумпите драстично ја намалуваат потрошувачката на електричната енергија, смета менаџерскиот тим на претпријатието. Петрушевски сподели  европските искуства со заштеда на енергија во вакви комплекси по  инсталација на пумпите и фотоволтаици.

– Очекуваме заштеда, производство на сопствена електрична енергија и проблемите со неработењето на базенот во извесен период од годината да се надминат, изјави Петрушевски.

Најголем дел од средствата кои и претходно општината ги одвојуваше за базенот беа наменети за трошоци за одржување, пред сè за електрична енергија, гас и други потреби за одржување. Со овие вложувања надлежните очекуваат и одржувањето на машините да се сведат на минимум, а граѓаните, учениците непречено да го користат базенот и да уживаат во пливањето.

– Значително ќе се подобрат условите за пливачите. Според податоците околу 2.200 ученика го користат базенот преку проектот за бесплатно пливање, вклучувајќи ги и средните и основните училишта. Овие податоци се за февруари, годинава. Очекуваме поголема бројка во март, вели Петрушевски.

Во март обично се зголемува и бројката на рекреативците како и на бројот на ученици во неколкуте клубови кои функционираат во градот.Петрушевски очекува поголема популаризација на спортот, бидејќи пливачки клуб најавил првенство на 7 мај годинава каде се очекуваат повеќе пливачки клубови од и надвор од државата. Тој најави и логистичка поддршк на вакви турнири.

И отворениот базен се подготвува за летната сезона која почнува по 10 јуни, секоја година. Во тек се постапки за набавка на материјали за санација и во април ќе следуваат помалите интервенции да се завршат. Претходната година по неколкукратното зголемување на цените на енергенсите гас и електрична енергија базенот во зимскиот период не работеше поради неисплатливост.