Топ 100: Компаниите да продолжат со инвестиции, државата ќе ги поддржи

Да се инвестира во време на криза како корона пандемијата е голема храброст. Компаниите да продолжат со планираните вложувања, а државата е тука, веднаш зад нив, да ги поддржи. Само ако се делува заеднички, економијата ќе може да закрепне и да достигне двојно поголем раст, од 2,5 проценти во изминатиот период на пет отсто во наредните години, беше речено на денешната промоција на јубилејниот 10. Каталог на 100-те најуспешни компании што го изготвува Стопанската комора на северозападна Македонија.

На манифестацијата на која присуствуваа премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот вицепремиер, Артан Груби, министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, претседателот на Трговската комора од Тирана, претседателот на Стопанската комора од Косово, претседателките на МАСИТ и на ССК, претставници од дипломатскиот кор и бизнисмени, беше истакнато и дека стоте најдобри компании содржани во Каталогот, минатата година оствариле над 900 милиони евра промет што е раст од 20 отсто во однос на 2018 година, додека само првите десет постигнале 384 милиони евра промет и реализирале 66 милиони евра нето добивка што е 17 отсто повеќе од 2018 година.

Како што истакнаа премиерот Заев и министерот Бесеими, кризата не учи дека сам никој не може ништо. Затоа е неопходна соработка, постојана комуникација и доверба.

Премиерот Заев ги охрабри компаниите да продолжат со плановите за инвестициски циклуси и вложувањето во човечкиот капитал и заеднички, како што рече, со надлежните институции да ги надминат предизвиците од глобалната пандемија.

– Приватниот сектор има важна улога во создавањето на работните места и приходите за граѓаните. Дополнително, и преку постојаните иновации кои носат нови производи и услуги на пазарот, а со тоа и додадена вредност, истакна Заев.

Напомена и дека Владата посветено работи на создавање амбиент за развој на приватниот сектор. Во тој контекст, спомна дека се донесени четири пакети антикризни мерки во вкупна вредност од над 1,2 милијарди евра, а паралелно се работи и на економското планирање за подобрување на состојбите на среден и долг рок.

– Овие денови ќе имаме дополнување на четвртиот пакет со цел да помогнеме максимум колку што е можно. Секој инвеститор сака стабилно деловно опкружување и предвидлив деловен амбиент и како Влада се стремиме тоа да го овозможиме. Со влезот во НАТО и со примената на стандардите на ЕУ кои треба да станат домашни стандарди, обезбедуваме сигурност на инвестициите преку механизмите за владеењето на правото, за намалување на сивата економија, на парафискалните давачки и со борбата против корупцијата, нагласи Заев.

И министерот Бесими на стопанствениците им порача дека во овие услови на економска криза каква што не памтиме досега, не се сами.

-Ние сме овде со вас да ве поддржиме на патот додека чекорите низ оваа криза. Се соочуваме со глобално опкружување што го одбележува голема неизвесност. Но, верувам дека, со вистински мерки и политики насочени кон поддршка на одржлив и инклузивен раст, ќе му пристапиме на овој предизвик на вистински начин и ќе го искористиме овој момент како можност да одиме напред. Сигурно нема да биде лесно, но ќе сториме сѐ за да го направиме невозможното – возможно, рече Бесими и најави наскоро потпишување договор за 100 милинои евра кредити од Европската инвестициска банка за идната година.

Според него, главната цел е спроведување на моделот што ќе овозможи 4,1 проценти раст на БДП во 2021 година, 4,6 проценти раст во 2022 година и 5,9 проценти раст во 2025 година.

-Ова ќе се овозможи преку спроведување на Стратегијата за економско заздравување – SmartER growth, која се темели на четири главни столбови: економско заздравување од кризата предизвикана од Ковид-19, забрзан инклузивен и одржлив економски раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси. Ова е многу значајно бидејќи фирмите треба да бидат сигурни во идниот раст доколку сакаат да инвестираат на долг рок, рече министерот.

Во услови на криза, кога на компаниите им треба свеж капитал, обезбедувањето евтин капитал, рече Бесими, е најдобар начин да им се помогне за да ја подобрат својата ликвидност и конкурентност на странскиот пазар.

-Во оваа насока, ќе се обезбедат нови 100 милиони евра од Европската инвестициска банка за што се веќе отпочнати преговорите, а договорот се очекува да биде потпишан до крајот на годинава. Воедно, микро и малите трговски друштва, трговци поединци и занаетчии кои плаќаат данок на реален приход и се регистрирани во Република Северна Македонија, а се погодени од КОВИД од 16 до 30 овој месец ќе можат да аплицираат во Развојната банка за бескаматни кредити со 30 проценти грант компонента. Кредитната линија ќе понуди 30 отсто грант за компаниите коишто се водени или основани од жени, или млади лица до 29 години, коишто се извозно ориентирани или коишто ќе реализираат проекти во делот на зелена економија, модернизација и дигитализација или воведување е-продажба, како и за воведување нови производи и услуги, напомена Бесими.

Компаниите, дополни, наскоро ќе можат да ја користат и државната гарантна шема. Предлог-законот за изменување на Законот на Македонската банка за поддршка на развојот се очекува наскоро да се усвои од страна на Собранието и мерката ќе почне да се спроведува. Со гарантната шема се обезбедува државна гаранција за комерцијални кредити за поддршка на приватниот сектор преку комерцијалните банки, како и царинска гаранција за обезбедување на царинскиот долг за увоз на суровини за производство на готов производ наменет за извоз.

-Голем дел од мерките ги носевме и во консултации со вас, сѐ со цел побрзо и подобро справување со предизвиците наметнати од пандемијата. Досега преку Буџетот се исплатени 177,76 милиони евра за реализација на мерките од Ковид програмата, а дополнително преку Развојната банка се реализирани три линии за поддршка на компаниите во вкупен износ од 64,4 милиони евра, од кои две бескаматни и една со повоилни каматни стапки преку комерцијалните банки, рече министерот и постети дека со Буџетот за 2021 година се издвоени 1,141 милијарда евра за економски развој. Со овие средства ќе се поддржат инвестициските активности на домашните претпријатија, привлекувањето странски директни инвестиции, инвестирањето во развојните зони, малите и средни претпријатија, подобрувањето на конкурентноста и домашниот туризам.

Според претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, оваа година завршува со големи нејаностии од аспект на КОВИД и неизвесно е што ќе следи.

-Годината не соочи со предизвик кој современата цивилизација досега не го познаваше. Пандемијата не поштеди никого. Но, лидерските способности најдобро се докажуваат во кризни времиња. Станавме критичен глас на бизнисот за да се дефинираат барањата на комапниите, како и канал за комуникација меѓу нашето членство и Владата. Се гордееме со фактот дека сме синоним за чадор кој го згрижува бизнисот, но истовремено сме и партнери и критикувачи на Владата за создавање подобра бизнис клима во земјава, истакна Хоџа.

Тој подвлече и дека СКСЗМ оваа, 2020-та, одбележува 15 години од основањето и 10 години од манифестацијата „Топ 100“.

Пред почетокот на манифестацијата, присутните со едноминутно молчење му одаддоа почит на неодамна починатиот бизнисмен Енвер Малиќи. СКСЗМ постхумно искажа голема благодарност за соработката со Малиќи, а Трговската комора од Тирана на неговото семејството му врачи благодарница.