Тони Зен со нов албум:  „Од изворот на изборот“


Хип хоп артистот Тони Зен, синоќа, во МКЦ клуб и ресторан, го промовираше својот шести по ред албум со наслов „Од изворот на изборот“. Пред повеќе стотици гости, најголем дел негови пријатели и препознатливи музички имиња од домашната сцена, Тони Петковски нескриено ја искажа радоста по повод излегувањето на неговиот најнов соло албум и по тој повод пред присутните се обрати.

„Сите 8 песни се инспирирани од моите лични искуства изминативе години. Овој албум се слуша со срце. Не случајно е акустичен, мирен и сниман во 432Hz, со цел да се задржи природната фреквенција. Музиката на албумот е посветена на вистината, љубовта и просветлението“.

Меѓу присутните гости беа пеачот Виктор Апостоловски, Дани Димитровска, музичарот и продуцент Мите Димовски, џез музичарот Џоле Максимовски, познатиот пеач и композитор Никола Перевски – Пере од Нокаут, Ранко Петровиќ…

Албумот е независно издаден со поддршка на СТ Продукција како дистрибуција и изработка на ЦД и обвивка. Сниман е во студиото „Knobs Keys ‘n Stuff“ заедно со Бојан Филиповски „Gloomie“, додека миксот и мастерингот го изработи Мите Димовски во Тралала студио.

Албумот има 8 песни. Текстовите ги напиша Тони Петковски – Зен, а музиката ја создаде заедно со Кирил Бабамов (гитара) и Ратко Даутовски (перкусии).

Од денеска албумот е во продажба во музичките продавници.