Ентони Блинкен ќе ја враќа Америка во светот


Оние што го знаат Блинкен го опишуваат како „префинет“, „гладок“ и „љубезен“

Посветен интернационалист, со длабоки и личнио врски со Европа, новиот државен секретар ќе ги поправа мостовите што беа поткрешни последниве четири години. Координацијата со европските партнери ќе биде поголема, па и кога станува збор за Македонија и регионот

 

Љупчо Поповски

Американски „Политико“ тоа го нарече Бајденовата „одмазда на кариеристите“.

Но не кариеристи во пежоративна смисла, туку кариеристи како кариерни дипломати, разузнавачи и експерти за безбедност. Вчерашното обелоденување на имињата во безбедносниот и дипломатскиот сектор на Џо Бајден го означи концептот на делување на идната администрација. Во овој сегмент остана само уште непознато името кој ќе биде шеф на Пентагон.

Она што е јасно е дека ова не е група на ривали кои имаат различни политички агенди (прогресивци или центристи, интервенционисти или изолационисти) затоа што речиси сите беа во она семејство на „заменици“ во администрацијата на Обама – во Белата куќа, Стејт департментот и во ЦИА. На некој начин, како што напиша „Њујорк тајмс“ тоа ѝ даде на „објавата во седиштето на Бајден во Вилмингтон, Делавер, атмосфера на реставрација или можеби средба на генерацијата од класот“.

Но ова секако нема да биде „третиот мандат“ на Обама, како што многу во Америка се обидуваат да го оквалификуваат тимот на Бајден. Можеби неговите зборови во Вилмингтон некому така му звучат: „Тоа е тим што го рефлектира фактот дека Америка се врати. Подготвена да го водат светот, а не да се повлекува од него. Уште еднаш да седи на чело на масата, подготвена да се спротивстави на нашите противници и да не ги отфрла нашите сојузници. Подготвена да се залага за нашите вредности“.

Но времињата се драматично сменети од 2016 година кога замина Обама. Бајден се обиде вчера да го разбие тој концепт за „третиот мандат“ во интервју за Ен-би-си. „Ова не е трет мандат на Обама затоа што ние се соочуваме со тотално поинаков свет отколку што се соочивме во администрацијата на Обама-Бајден. Претседателот Трамп го смени пејсажот. Тој се претвори во Америка прво, а потоа во  Америка осамена“.

Три личности + една треба да ја вратат Америка во светот, кому навистина му недостасуваше. Новиот државен секретар Ентони Блинкен, советникот за национална безбедност Џејк Саливан, амбасадорката во ОН, Линда Томас-Гринфилд, и „осамениот јавач“ Џон Кери. Поранешниот државен секретар („еден од моите најблиски пријатели“, како што го претстави Бајден) ќе американски лидер во борбата со климатските промени и ќе ги врати САД кон Парискиот договор.

За другиот дел од светот, а и за нас, лицето на САД, освен претседателот е државниот секретар. Ентони Блинкен (кого сите во Вашингтон го викаат Тони) треба повторно да ја поврзе Америка со светот, да ја врати на главната командна маса (иако, всушност, таа и никогаш не си станала од таму), да му се врати на мултлатерализмот и да го обвнови старите сојузништва и пријателства.

Последниве десетина дена, генерално, се напиша сѐ што беше важно од биографијата на Блинкен. Дека има 58 години и дека е син на еврејски родители. Кога тие се развеле кога тој имал девет години заминал со мајка му Џудит во Париз и нејзиниот нов сопруг Самуел Писар, Евреин кој ги преживеал двата страшни конц-логори, Аушвиц и Дахау. Приказните на очувот за страшните злосторства што може да ги направи човекот оставиле неверојатен впечаток на младиот Тони. Писар потоа стана голем меѓународен адвокат на моќните, а и човек од доверба на француските претседатели. Во интервју за „Вашингтон пост“ во 2013 година, Писар опиша како Блинкен како тинејџер во Париз барал да слушне за неговите искуства за време на војната. „Тој сакаше да знае. Тој го прифати она што ми се случи кога бев на негова возраст и мислам дека го импресионираше и му даде друга димензија, друг поглед на светот и што може да се случи тука. Кога денес треба да се грижи за отровниот гас во Сирија, тој речиси неизбежно размислува за гасот со кој беше елиминирано целото мое семејство“.

Во Париз посетуваше француско училиште и неговата билингвалност му помогна многу во натамошната кариера и на неговиот шарм. Се разбира, и моќта на семејството. Во Париз научи да свири добро на гитара, две песни на неговата група може да се најдат на „Спотифај“, го засака фудбалот и не престана да го игра до денеска. Потоа студираше на Харвард и на Колумбија. Татко му Доналд Блинкен, исто така дипломец од Харвард, беше познат инвестициски банкар, а и потоа и американски амбасадор во Унгарија.

Откако се обидел како адвокат и новинар, Тони Блинкен добива место во Советот за национална безбедност во администрацијата на Бил Клинтон. Потоа поминува некое време во Конгресот каде службува во комитетот за надворешни работи на Сенатот, чиј претседател тогаш беше Бајден. Соработката меѓу нив двајцата почнува тогаш и никогаш не престана. Во времето на Обама беше заменик-советник за национална безбедност, а потоа и заменик-државен секретар.

Оние што го знаат Блинкен го опишуваат како „префинет“, „гладок“ и „љубезен“, но исклучително добро поткован. Дури 2.000 експерти за надворешната политика биле вклучени во кампањата на Џо Бајден, но нејзиното главно лице беше Ентони Блинкен. Додека сегашниот држевен секретар Мајк Помпео, остана во основа домашен политичар и многу често беше гостин на конзервативните радио водители од Средниот Запад за да ја помогне американската агенда на Доналд Трамп, Блинкен не ја прекина својата улога на интернационалист. Овие експерти за меѓународна политика сега се враќаат на сцената во Вашингтон да служат како спасители на либералниот меѓународен поредок, кои ги напуштија местата во дипломатијата и непартискиот дел од администрацијата во своевиден егзодус во бурните години на Трамп.

 

Ентони Блинкен е дел од онаа прочена фотографија кога во бункерот на Белaта куќа се гледа во живо елиминацијата на Осама бин Ладен

Томас Рајт од Брукингс институтот неодамна напиша дека улогата на тимот на Бајден ќе биде да се обезбеди „реставрација против промената“. Клучното прашање не е дали ќе има промена на политиките на Трамп кон НАТО и другите меѓународни организации, туку колку новите креатори ќе направат отклон од неуспесите на Обама. Блинкен беше еден од оние што се спротивставуваа да не се интервенира во Сирија. Во интервју за Си-би-ес тој изјави: „Ние не успеавме да ги превенираме страшните загуби во животи. Ние пропуштивме да ги превенираме масовното преселување… нешто што ќе биде со мене во остатокот од моите денови“. Тој беше против да ѝ се даде на Саудсика Арабија карт бланш за неконтролирана интервенција во Јемен, која исто така предизвика страшни цивилни жртви.

Бидејќи неговите врски со Европа се речиси цел живот и се длабоки и лични, тој е жесток поборник на трансатлантскиот сојуз. „Едноставно, светот е побезбеден за американскиот народ кога имаме пријатели, партнери и сојузници“, рече Блинкен во 2016 година. Тој ја опиша Европа како „витален партнер“ и ги отфрли плановите на администрацијата на Трамп за отстранување на американските трупи од Германија како „глупави, непримерни и стратешки губитнички. Тоа го ослабува НАТО, му помага на Владимир Путин и ѝ штети на Германија, нашиот најважен сојузник во Европа“.

Заено со познатиот Роберт Каган тој во блог постот на Брукингс институтот во 2019 го оцртаа светот во кој ќе зачекори претседателството на Бајден: „Ова е неверојатно опасен свет… многу повеќе изгледа како во 1930-тите отколку како крајот на историјата – со популисти, националисти и демагози во подем; авторитарните сили добиваат на моќ и се неверојатно агресивни. Европа е заглавена во поделба и самосомневање; и демократијата е под закана и ранлива за странски манипулации“.

Па, сепак, колку и да е Блинкен голем експерт во надворешната политика има еден кој е поголем од него – самиот избран претседател Џо Бајден. Неговото искуство во надворешната политика е неспоредливо со кој било американски политичар. Како што вели Волфганг Ишингер, претседателот на Минхенската безбеносна конференција и чувар на германската надворешна политика: „Тој беше секогаш тука наоколу откако јас – уф – бев вклучен во надворешната политика. Тој беше во Сенатот подолго отколку што можам да паметам и за времето кога бев амбасадор во Вашингтон секогаш кога имавме гости од Германија, парламентарци или министри, тој имаше слободно време да се сретне со секого“.

Многумина овде си поставуваат прашања што може да значи оваа драматична промена на правците на политиката во Вашингтон во однос на регионот и Македонија. Веројатно малку. Администрацијата на Трамп остави свој позитивен белег на Балканот. За Македонија е важно што со голема посветеност го туркаше членството на нашата земја во НАТО, дека не отстапи од политиката на Вашингтон зацртана уште пред 25-30 години. Вашингтон активно учествуваше во детализирањето на Преспанскиот договор. Ја забрза ратификацијата на протоколот за НАТО во Сенатот. Мајк Помпео беше во Охрид и тој гест македонските власти не го забораваат. Метју Палмер беше редовен гостин во регионот. Договорот меѓу Белград и Приштина за економска поврзаност ќе продолжи да се спроведува од точката до која е дојден, а не да се враќа назад. Веројатно координацијата со европските партнери ќе биде поголема отколку што е сега. Но Блинкен и другите од тимот ќе имаат толку многу работи да направат за „да ја вратат Америка во светот“ па за овој регион сигурно ќе треба време за да се врати на агендата.