Томислав Османли добитник на книжевната награда „Donat“ за животно дело

На литературна свеченост одржана во Задар, беа доделени годишните награди „Donat” и „Goran Bujić“ кои ги доделува задарскиот одел на Хрватското книжевно друштво – оддел Задар. Лауреати на тие награди се и четворица македонски писатели: на Томислав Османли награда за животно дело и на книжевните творци Борче Панов, Даниела Андовска-Трајкова и Марина Мијаковска, како и невладината организација Хрватско-македонска тангента, сите наградени за видни книжевни придонеси. Предлозите за награди до жирито пристигале од сите пет ограноци на ХКД, а конечните одлуки ги донело жири од 21 член, на чело со претседателот на задарскиот огранок на Хрватската книжевна асоцијација, предводен од писателот Никола Шимиќ Тонин, поет, романописец, драмски автор и преведувач.
„ ‘Donat’ за животно дело ќе му се врачи на Томислав Османли, македонски писател, сценарист, драматург, теоретичар на медиуми, филмски и театарски критичар, новинар и есеист – стои во дел од подолгото образложение за високото хрватско книжевно признание – Автор е на 28 книги публицистика, драмски текстови, сценарија и прози. Неговата теоретска студија „Филмот и политичкото“ (1981) е првата книга во Македонија посветена на седмата уметност, онака како што ‘Стрип, запис со човечки лик’ (1987, 2002) е првата книга посветена на деветтата уметност во таа земја.“ Подеталните творечки биографии на македонските добитници се објавени во септемврискиот број на списанието „Kvaka“: https://www.casopiskvaka.com.
Останати добитници се словенечкиот автор Марјан Пунгартник и Ана Чагаљ.
Наградите се состојат од Диплома, Медалјон со ликот на Горан Бујиќ и уметничка слика/фотографија дела на еминентни задарски уметници.