Томијасу останува на „Емирати“: Јапонецот потпиша повеќегодишен договор со Арсенал


Јапонскиот фудбалски репрезентативец Такехиро Томијасу потпиша нов, повеќегодишен договор со Арсенал, соопшти денеска лондонскиот клуб. Арсенал не ги соопшти деталите од договорот, но британските медиуми пренесуваат дека Томијасу ја продолжил соработката со „топџиите“ до јуни 2026 година со можност за продолжување на уште една сезона.

Тој имаше договор со лондонскиот клуб до јуни 2025 година. Томијасу (25) во Арсенал пристигна во 2021 година од Болоња, а пред италијанскиот клуб настапуваше за Сент Труден и Ависпа Фукуока.

Јапонскиот фудбалер оваа сезона одигра 20 натпревари за Арсенал.

-Многу сме возбудени што Томијасу ќе биде со нас уште многу години. Тој има врвни квалитети и на теренот и надвор од него. Томијасу е врвен професионалец. Одлично е што ќе игра важна улога во нашиот тим во наредните години, изјави спортскиот директор на Арсенал, Еду.