„Томас Кук“: Британците ја одбегнуваат ЕУ за одмор поради Брегзит


Британскиот туроператор „Томас Кук“ соопшти дека оваа година британските граѓани ги одбегнуваат дестинациите внатре во ЕУ поради последиците од Брегзит.

Четириесет и седум отсто од резервациите на Британците за одмор во 2019 година се земји надвор од Европската унија, информираше денеска „Томас Кук“.

-Слабеењето на фунтата е главна причина поради која најверојатно Британците бараат подалечни дестинации, речиси половина од Британците внимаваат на курсот на фунтата оваа година во споредба со минатата, соопшти туроператорот.

Од референдумот во 2016 година, фунтата постојано забележува пад. Пред референдумот нејзината вредност изнесуваше 1,30 евра, а денес таа вреди само 1,16 евра.

Иако Шпанија останува омилена дестинација за британските туриски, „Томас Кук“ нагласува дека на второ место оваа година се наоѓа Турција наместо Грција. Освен фактот што не е членка на ЕУ, Турција нуди и добар квалитет за помали цени, објаснуваат во „Томас Кук“.

Од минатата година, Тунис се враќа меѓу омилените места за одмор на Британците, додава туроператорот.

Анкетата на „Томас Кук“ се базира врз одговорите на 28.500 нивни клиенти.