Том Круз ги врати добиените „Златни глобуси“ во знак на протест


САД– Нов скандал во Холивуд. ТВ-мрежата Ен-Би-Си објави дека нема да го пренесува следното доделување на Златните глобуси, а Том Круз ги врати трите освоени статуетки. Во Холивуд се зголемува револтот кон организацијата која ги доделува овие филмски и телевизиски награди.

Ен-Би-Си, која ја пренесуваше церемонијата од 1996 година, соопшти дека нема да го емитува следното шоу зашто сака да види значајни реформи во Холивудското здружение на странски новинари (ХЕПА), кое се обвинува за недостиг на различности и за други етички прашања. Том Круз се придружи на револтот на филмските студија и стриминг платформите и ги врати Златните глобуси што ги освои за „Роден на 4 јули“, „Џери Мегваер“ и „Магнолија“.

ХЕПА претходно најави дека ќе вклучи повеќе црни членови и ќе направи други промени во наредните 18 месеци. Членовите на ХЕПА исто така се обвинуваат за расистички и сексистички забелешки и за примање услуги од славни личности и филмски студија.

„Ако организацијата го спроведе својот план, за што треба многу време и работа, ние се надеваме дека ќе можеме да го пренесуваме шоуто во јануари 2023“, соопшти Ен-Би-Си.

ХЕПА се соочи со жестоки критики откако „Лос Анџелес тајмс“ во февруари објави дека таа немала ниеден црн член во последните 20 години.