Толпа во Мексико, до смрт, ја претепа жената киднаперка на убиеното девојче, на улица


Во мексиканскиот туристички град Такско, вчера, толпа гневни граѓани брутално претепаа жена осомничена за киднапирање и убиство на мало девојче. Луѓето до смрт ја претепале жената неколку часа пред познатата градска поворка на Светата недела, пишува АП.

Толпата настана откако во средата исчезна 8-годишно девојче. Нејзиното тело било пронајдено вчера рано наутро на пат на периферијата на градот.

На снимката од безбедносните камери се гледа како жена и маж товарат нешто завиткано во чаршав во такси, што изгледало како да е тело на дете.

Толпата ја извлекла жената од полициското возило на улица и брутално ја претепала
Толпата народ вчера ја опколила куќата на жената од видеото, заканувајќи се дека ќе ја извлече. Полицијата ја внела жената во службен пикап, но полицајците застанале и дозволиле на толпата да ја извлечат осомничената од возилото на улица. Луѓето ја клоцале и тепале жената на улица додека таа лежела полугола и неподвижна на земја.

Откако граѓаните брутално ја претепале, полицијата ја ставила жената во пикап и ја однела оставајќи го тротоарот облиен со крв. Државното обвинителство на Гереро подоцна потврди дека жената починала од повредите.

„Ова е резултат на лошата влада што ја имаме“, изјави за АП Андреа, жена која беше дел од лутата толпа. „Не е прв пат да се случуваат вакви работи, но ова е прв пат луѓето да направат нешто. Доста ни е. Овој пат беше убиено 8-годишно девојче”, изјави Андреа.

Градоначалникот на Такско, Марио Фигуероа, рече дека го споделува гневот на жителите поради убиството на детето. Фигуероа кратко по претепувањето на жената на улица изјави дека не добил никаква помош од државната власт за градската полиција, која била побројна од разгневената толпа.

Толпа уби жена неколку часа пред Светонеделната поворка
Верската поворка во пресрет на Велики петок, која со векови се одржува во Такско, според планот почна синоќа.

Луѓето се собраа по улиците на Такско за да гледаат мажи со качулки како шетаат додека се камшикуваат или носат тешки снопови трње преку нивните голи рамена во покајание за да го имитираат страдањето на Исус Христос кој го носи крстот.

Нарко бандите го тероризираат Taкco
Нападите на гневните толпи граѓани не се новина во Мексико, особено во руралниот дел на земјата. Во 2018 година, разгневена толпа запали двајца мажи во централната држава Пуебла кои починаа, а следниот ден маж и жена беа извлечени од нивното возило, претепани и запалени во соседната држава Хидалго.

Но, Taкcкo и другите градови во државата Гереро се особено склони кон насилство. На крајот на јануари приватните таксисти стапија во штрајк во Такско бидејќи им се закануваше нарко-банда која се бори за контрола на областа. Ситуацијата била толку лоша што полицијата морала да ги вози луѓето во своите патролни возила.

Отприлика во исто време, на периферијата на Такско беа пронајдени телата на двајца детективи изрешетани со куршуми. Локалните медиуми објавија дека на нивните тела имало траги од тортура. Во февруари, вооружени лица на мотоцикли пукаа во автомобилот на Фигуероа, отпорен на куршуми.

Во Такско и низ државата Гереро, нарко-картелите и бандите рутински го напаѓаат локалното население барајќи исплати за заштита на сопственици на продавници, таксисти и автобуси. Банди ги убиваат оние кои одбиваат да платат. Жителите велат дека им е доста, а насилството на граѓаните може дополнително да се одрази на туризмот, пишува АП.