Токио со нов рекорд на заразени од коронавирус

Јапонија– Бројот на заразени со коронавирус во Токио, во изминатите 24 часа, надмина 400 лица, што претставува рекорд за целиот период на епидемијата, изјави гувернерката Јурико Коике.

Според неа, во изминатите 24 часа се регистрирани 463 нови случаи на заразени и за првпат зголемувањето во главниот град надминува 400 лица за 24 часа. Претходниот пик на нови случаи беше пријавен во четвртокот, кога бројот на новозаразените достигна 367 лица.

Шефицата на градската администрација уште еднаш ги повика жителите да се воздржат од посета на места каде има масовно собирање луѓе и, доколку е можно, да не ги напуштаат своите домови навечер.

Јапонската Влада смета дека во моментов нема потреба од воведување вонредна состојба во земјата. Властите сметаат дека тоа што се случува не е втор бран на коронавирус кој се шири во земјата, но додаваат дека владината експертска комисија внимателно ќе ја следи ситуацијата.

Според најновите податоци, вкупниот број заразени лица во Јапонија од почетокот на епидемијата надминува 53.500, а бројот на починати изнесува 1.020.