„Тој е чувар на Унгарија“: Орбан го испофали министерот кој е ставен на црната листа
Премиерот рече дека санкционираниот Антал Роган бил „чувар број еден“ на унгарскиот суверенитет
Унгарскиот премиер Виктор Орбан се врати дома од својот одмор во Индија и веднаш го започна своето утринско „интервју“ за радио Кошут со голема теорија на заговор. „Да не мамеа во 2020 година, Доналд Трамп ќе останеше претседател, а потоа немаше да има украинско-руска војна“, ја цитира тој трампистичката теорија што доведе до опсада на Капитолот пред четири години. Друга важна изјава на Орбан е дека неговата десна рака во Владата, Антал Роган, е одличен министер, а Американците само ја зацврстија неговата позиција во унгарската влада откако го ставијана зрната листа поради корупција.
„Сè што можам да кажам од ова е дека тој добро ја врши својата работа“, коментира тој. Роган е „чувар број еден“ на унгарскиот суверенитет, „па ако некоја голема сила го казни, тоа значи дека добро си ја врши работата“.
И работата на американскиот амбасадор во заминување Дејвид Пресман – кого тој го нарече „силеџија“ – беше „осудена на смрт од самиот почеток“, поради што тој никогаш не се сретна со него.
Виктор Орбан ги повтори своите стари зборови за демократите, Џорџ Сорос и либералите кои се засолниле во Брисел. Унгарија и фракцијата во Европскиот паралемент Патриоти отворено ја преземаат борбата „да ја истераат империјата на Сорос од Европа“. И за да се направи ова, „странските мрежи кои го загрозуваат унгарскиот суверенитет“, исто така, мора да бидат протерани од земјата. Иако Орбан овде не ги именуваше неговиот главен политички ривал Петар Маѓар и партијата Тиса, тешко е да се замисли дека не мислеше на својот политички противник кога рече: Џорџ Сорос ги откупи бриселските бирократи во секоја земја.
Орбан за унгарското претседателство со ЕУ рече: „Го постигнавме тоа што денес сите зборуваат за мир. Време е да ги фрлиме санкциите низ прозорецот и да воспоставиме односи без санкции со Русите“. Тој ја нарече Украина земја која „не може да застане на свои нозе, без западните пари оваа земја не би постоела денес“.
Тој смета дека влегувањето на Бугарија и Романија во Шенген зоната и почетокот на преговорите за пристапување на Албанија во ЕУ се важни достигнувања.