Тодоров: Бугарските барања се неприфатливи и навредливи за Македонците


Треба да има одреден одговор на тие барања кои се неприфатливи, дрски, безобразни и навредливи за чувствата на етничките Македонци, особено прашањата на јазикот и на етничкиот идентитет, но политичарите треба да одлучат како и на кој начин ќе одговорат на таа рамковна позиција на бугарската влада, вели историчарот Петар Тодоров, кој е член на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој вели дека учебниците во Македонија, во Бугарија, во сите земји од Балканот мора да се менуваат доколку овие народи сакаат да создаваат општества и доколку немаат намера да создаваат конфликти меѓу народите.

„Од македонска гледна точка во бугарските учебници има многу проблематични делови во тоа како се градат претставите за соседните народи, вклучувајќи го тука и македонскиот народ, но и народите со муслиманска вероисповед. Она што ние сметаме дека е најпроблематично е тоа што во бугарските учебници се создава една претстава дека постојат бугарски неослободени земји надвор од територијата на денешна Република Бугарија и тоа е многу проблематично кога станува збор за современата настава по историја, бидејќи на тој начин учебниците им праќаат порака на децата дека сè уште има неослободени бугарски земји кои можеби утре ќе треба да се ослободат“, вели Тодоров.