Точни, брзи и официјални информации за Ковид-19 на Вибер преку „Коронавирус МК Koronavirus“


За точно и навремено информирање на граѓаните со официјални и проверени информации поврзани со справувањето со коронавирусот, Владата на Република Северна Македонија денеска соопшти дека отворила нов информациски канал на популарната апликација за дигитални комуникации „Вибер“.

Првиот владин комуникациски канал на „Вибер“ (Viber Community) може да се најде под името „Коронавирус МК Koronavirus“, исто како и останатите комуникациски алатки кои Владата интервентно ги отвори со цел интензивирање на комуникацијата со граѓаните за полесно справување со коронавирусот. Во тој пакет е и официјалната веб-страна koronavirus.gov.mk, мобилната апликација за „Андроид“ и „IOS“, како и наменските профили на социјалните медиуми „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Твитер“.

Како што соопшти владината прес-служба, целта на новиот канал за комуникација на „Вибер“ е брзо, целосно и точно информирање на граѓаните за сите мерки за справување со коронавирусот од институциите, најнови информации од Министерството за здравство, како и помош на сите граѓани на кои им е потребна точна информација поврзана со ситуацијата.

„Вибер“ e една од најкористените апликации за разменување на пораки во нашата земја, со над една милијарда корисници во светот.

– Ги повикуваме сите граѓани да се приклучат на „Коронавирус МК Koronavirus“ „Вибер“ заедницата, за добивање точни, официјални и брзи информации поврзани со КОВИД-19 на својот мобилен телефон. Линк за вклучување: https://vb.me/nmk_gov, се наведува во соопштението од Владата.