Тоа што го направи Северна Македонија е за секоја почит


Европската комесарка Вера Јурова вели дека ЕУ би требала што е можно побрзо да го валоризира на соодветен начин она што Северна Македонија го исполни во процесот на ЕУ интеграцијата.

Во одделни разговори со министрите за надворешни работи и правда, Јурова изрази поддршка за европските аспирации на Северна Македонија.

„Јурова нагласи дека тоа што нашата земја го испорача до сега е за почит и деак ЕУ треба да го валоризира на соодветен начин што е можно побрзо“, се наведува во соопштенијата на министерствата за надворешни работи и правда на Северна Македонија.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров на состанокот со Јурова, како што се истакнува во соопштението, „ја потврдил одлучноста да се продолжи по европскиот пат и покрај разочарувачкиот исход на октомврискиот ЕУ самит“.

На состанокот на Димитров и Јурова се „разменети мислења за случувањата во Северна Македонија, очекувањата и понатамошните чекори поврзани со ЕУ агендата“.

Димитров на Јурова и ја честиташе новата позиција во новиот состав на Европската комисија, каде е предложена за портфолиото европски вредности и транспарентност, истакнувајќи дека тоа е од особена важност за македонските граѓани и кон чија целосна реализација се стреми македонското општество.

На состанокот со Јурова, министерката за правда на Северна Македонија, Рената Дескоска „ги истакнала очекувањата дека ЕУ ќе ја преиспита негативната одлука за отворање на преговорите и напомена дека тоа ќе биде одлука која ќе го приближи Западен Балкан до ЕУ“.

Дескоска изразила жалење поради тоа што на октомврискиот самит не е донесена одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија и покрај тоа што ги исполни препораките од ЕУ.

Еврокомесарката за правда Вера Јурова престојува во нашата земја по повод Министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан, кој се одржува на 18 и 19 ноември под покровителство на финското претседателство со ЕУ.