„Тоа се технички грешки“ – се правдаат авторките на учебникот по историја
По големата бура негодувања во јавноста за повеќе катастрофални грешки во учебникот по историја и општество за V одделение, авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, денеска преку социјалните мрежи објаснуваат дека грешките биле технички и настанале поради неможноста да го погледаат учебникот пред печатењето.
„Навистина ни е жал што во нашите напори да не испуштиме нешто суштинско, ние всушност сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста. Учебникот, кој е тема на дискусија, е предаден на регуларен конкурс од Педагошката служба уште во мај годинава. Сите сугестии што беа од техничка природа се земени предвид при подготовката на неговата финална верзија. Ниту ние авторите ниту рецензентите немаа можност да го прегледаат учебникот пред печатењето. Можеби ќе забележевме дека наместо V век, пишува V век пр. н.е.; дека при обработка и средување на текстот останала грешката за местоположбата на нашите соседи од исток и од запад или за мерните единици. И покрај тоа што е очигледно дека станува збор за технички грешки, затоа што, ако се прочита учебникот во целост и се анализира, педагошки, методолошки… ќе се забележи дека тој во целост ги следи наставната програма, методологијата за изработка на учебник и националните стандарди“, велат Ангеловска и Илиоска.
Тие ги замолија надлежните во Министерството за образование и наука да ги коригирале електронските верзии таму каде што има грешки, а ги замолуваат наставниците да им објаснат на учениците дека во тие делови од учебникот има технички пропусти. Но не споменуваат како ќе се надокнаи штетата од потрошени толку многу пари за учебник којшто содржи неверојатни грешки, за кои е тешко разбирливо како можеле да се направат.
Ангеловска и Илиоска апелираат до МВР да ги заштити од нападите на социјалните мрежи и заканувачките пораки: „Печатните и ненамерно направените грешки се исправаат Ама насилството што се промовира на социјалните мрежи остава длабоки траги врз луѓето и нивните семејства“, велат тие.