„Тоа е патологија“: Мицкоски медицински го толкуваше Филипче

Премиерот не можел да поверува на она што го слуша од лидерот на СДСМ на митинзите


Од митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва од Крива Паланка изјави дека не може да поверува во она што го слуша на митинзите од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, бидејќи немало логично објаснување зошто така зборува. Тој објасни дека тоа во медицината се викало патологија.

И објаснуваше како тоа го толкува медицината:

„Сега дошол овде и ни кажува како тој ја доживува реалноста. Не сфаќам како може човек без образ да зборува и да се прави дека е некој друг. Тоа во медицината го викаат патологија. Патологија својствена за еден човек што ставаше рака на срце кога се колнеше во македонската жица. Но, очигледно, тоа било заразно, па тој вирус денес го има фатено и овој нов претседател на СДСМ, Венко Филипче. Вирусот започнува со чувство на самодоверба. Расте, расте … додека не прерасне во чувство на божественост. Следниот симптом? Раката на срце. Човекот што го има вирусот, инстинктивно, што и да зборува, ја става раката на срце и се колне. Понекогаш звучи чудно, невообичаено, дури и непотребно… Но, симптомот е таков“, рече Мицкоски.

Па продолжи да ги дава медицинските толкувања.

„И што е најинтересно, понекогаш и самиот верува во тоа што го зборува. А кога не верува тој, верува тогаш оној што му дава насоки и му го пишува говорот. Потоа доаѓа втората фаза, а тоа е заборавањето. Заборава дека другите го знаат. Заборава дека имал шанса да направи нешто. И не само што ја прокоцкал, туку е директно виновен. За трагедии. За корупција. За предавства. За срам, којшто ѝ го нанел на својата држава“, истакна Мицкоски.

Најритичен симптом на вирусот, според Мицкоски, била јахта, т.е. желбата мна луксуз. Мицкоски понатаму, посочува дека еден од критичните, а можеби најкритични симптоми на вирусот, е јахтата, каде носителот на вирусот добива невидена желба за луксуз.

„Се вози на јахта, мисли дека плови над реалноста. А најсилниот симптом, тоа што не реагира на ниедна вакцина, е лажењето. Тоа е неверојатно! Што да каже човекот, апсолутно е невистина и лаже. Измислува реалност што му одговара и живее во неа како да е нормално“, рече Мицкоски и додаде дека за овој вирус има две вакцини, каде првата делумно помага, а втората, целосно лекува.

„Првата се вика Харис Џиновиќ. Кога ќе слушне негова песна, кај носителот на вирусот се појавува едно убаво чувство на еуфорија, што ги смирува симптомите за кратко време. Вистинскиот лек е друг. Тој е сериозен, темелен, опасен за сите што се заразени со овој вирус. Лек што не заборава. Таа вакцина е силна. Таа вакцина, тој лек се вика народот на Македонија и тој народ ќе им се случи за неколку дена од денес, на 19 октомври“, магласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.