Титули витез и дама за Кристофер Нолан и сопругата Ема Томас 


Лондон  – Оскаровецот, режисерот на „Опенхајмер“, Кристофер Нолан, и неговата сопруга и продуцентка Ема Томас, ќе добијат титули витез и дама за нивните заслуги во филмската индустрија, се вели во соопштението на британската Влада.

Почестите доаѓаат откако нивниот биографски филм за Џ. Роберт Опенхајмер, „таткото на атомската бомба“,ги освои речиси сите награди во сезоната на награди, вклучувајќи ги и Оскарите претходно овој месец, каде што филмот освои седум Оскари, и за најдобар филм и за најдобра режија.

Нолан (53) претходно беше номиниран за „Memento“, „Inception“ и „Dunkerk“.

Вестите за нивните почести беа малку изненадувачки, бидејќи тие обично се делат двапати годишно, еднаш за да се одбележи новата година, а потоа на роденденот на кралот Чарлс III, кој ги доделува почестите. Тие понекогаш се доделуваат по посебни достигнувања, често поврзани со спортот и уметноста.

Почестите формално се доделуваат на церемонија во Бакингемската палата, честопати лично од монархот на Велика Британија. Сепак, кралот моментално не презема никакви кралски должности, бидејќи се наоѓа на лекување од рак.

Роден во Лондон од татко Британец и мајка Американка, Нолан ја запознал својата идна сопруга Томас (53), додека и двајцата присуствувале на Универзитетскиот колеџ во Лондон. Тие имаат четири деца и водат продукциска компанија „Синкопи“, која стои зад многу нивни блокбастери.

Кога на Нолан му беше врачена стипендијата на Британскиот филмски институт на почетокот на оваа година како „еден од најиновативните и највлијателните светски филмски режисери“, тој ѝ ја препиша на својата сопруга.

Тој рече дека никогаш не се чувствувал сам снимајќи филмови бидејќи Томас „секогаш ги гледала работите на ист начин како што јас гледав во однос на важноста на медиумот“.

Обраќајќи им се на публиката на годинешното доделување на Оскарите, Нолан истакна дека киното е старо нешто повеќе од еден век.

„Замислете да сте таму 100 години од сликарството или театарот“, рече Нолан, кој ја подели наградата за најдобар филм со својата сопруга и продуцент. „Не знаеме каде оди ова неверојатно патување од овде. Ама да се знае  дека мислиш дека јас сум значаен дел од тоа, за мене значи свет“. (АП)