„Тито и Дино” е првата македонска сликовница целосно изработена со кирилски фонт за дислексија


Илустрираната книга за деца „Тито и Дино”, која неодамна излезе од печат во издание на „Либи”, дел од „Арс Ламина – публикации”, е првата македонска сликовница целосно изработена со специјален фонт за дислексија. Во делото од авторката Ј. Мишо, што е збогатено со илустрации на Оливер Коларевски, е користен кирилскиот фонт DyslexicFZF, кој е специјално изработен од Здружението за дислексија „Ајнштајн” и Филозофскиот факултет во Скопје со цел да им се олесни читањето на лицата со дислексија.

Дамјан Николовски од Здружението за дислексија „Ајнштајн” истакнува дека објавувањето на „Тито и Дино” е од големо значење за лицата со дислексија, но и воопшто, за издаваштвото кај нас.
– Излегувањето од печат на сликовницата „Тито и Дино” е од огромно значење за нас како организација што ги застапува правата на лицата со тешкотии во учењето, односно дислексија. Најважното од сѐ е што најголема корист од неа ќе имаат токму учениците со дислексија од раната училишна возраст. Оваа книга ќе донесе многу позитивни промени, не само во издаваштвото туку и генерално. Пред сѐ, поради фактот што ова е првата целосно „дислексија френдли” (dyslexia friendly) сликовница во нашата држава, изработена со кирилскиот фонт DyslexicFZF, кој е специјално креиран за да го олесни читањето кај лицата со дислексија. Финалниот производ е фантастичен од секој аспект. „Тито и Дино” е топла интересна приказна со одлични илустрации, која дефинитивно ќе им го задржи вниманието на малите читатели. „Ајнштајн” има стратешко партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина” веќе неколку години и сосема беше логична соработката и на ова издание, кое е поддржано од нашето здружение – вели Николовски.

Со оваа публикација издавачката куќа „Арс Ламина” ја продолжува својата долгорочна мисија, чијашто цел е книгите да бидат достапни за сите, користејќи внимателно избрани фонтови што се приспособени за фазата на описменување на децата, вклучително и лицата со дислексија. Досега, преку својот импринт „Либи”, во посебната едиција „Лесно читливи лектири” се објавени 78 лектири од листата за основно образование одобрена од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, на македонски и на албански јазик.