„Титаник” продолжува на 11 септември


Следното рочиште за првиот предмет на поранешното Специјално јавно обвинителство, познат по името „Титаник”, е закажено за 11 септември. Овој случај е во фаза на доказна постапка и така е предвидено да продолжи и на следното рочиште, со презентација на сведоци од обвинителството.

Денешното рочиште, почна со мало задоцнување, заради увид во списите на предметот од страна на обвинетите.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.