ТИРЗ со поддршка на младински организации за отворање нови можности за работа на младите


Со конкретни активности и мерки ТИРЗ ќе го поддржи проектот на повеќе младински организации чија цел е намалување на младинската невработеност и отворање можности за компаниите да инвестираат во развој на соодветните вештини и знаења на вработените.

Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони, Јован Деспотовски на средбата со претставниците на Младинскиот сојуз од Крушево и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), повеќе младински организации и претставници на клубот40 на Стопанската комора изјави дека ваквата соработка и програми ќе придонесат младите да останат во земјава.

На средбата беше договорено ИДУЕП и Младински сојуз да достават и конкретни предлози до ТИРЗ, а потоа да се потпише и меморандум со кој ќе се дефинира меѓусебната соработка.

-Дирекцијата за ТИРЗ на младинските организации им нуди просторни услови, логистика и друга потребна поддршка со цел уште поуспешно спроведување на проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ кој е финансиран од страна на Европската Унија. Соработката на ТИРЗ со ИДУЕП и Младинскиот сојуз има потенцијал да се прошири и во повеќе слични области, истовремено и со повеќе партнерски организации, надлежни државни институции, стопанските комори, универзитетите и други научни институции, информираат од ТИРЗ.

Проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат вештини денес“ се имплементира од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и има за цел подигање на јавната свест и креирање конкретни препораки за надминување на проблемот со младинска невработеност, детектирање какви младински профили му се потребни на пазарот на труд, но и како компаниите да инвестираат во развој на соодветните вештини и знаења на вработените.

-Овој проект е субгрантиран од страна на фондацијата „Ана и Владе Дивац“, Младинскиот сојуз и три партнерски организации од регионот, а финансиран од Европската Унија, известуваат од ТИРЗ.