Тинекс го промени работното време и ги зајакна мерките за заштита од вирусот


Ланецот на маркети Тинекс воведе ново работно време со цел почитување на најновите мерки за ограничување на движењето на граѓаните, кои беа преземени од страна на Владата за борба против ширење на вирусот COVID-19.

Според измените, почнувајќи од вчера (23ти март), Тинекс маркетите секој ден ќе работат од 8 до 19 часот, освен во недела од 9 до 17 часот.
Покрај тоа, за да се олесни пазарењето на постарата група на граѓани, чие движење е дозволено само во утринските часови, во Тинекс маркетите секој ден од 8 до 10 часот ќе им биде дадена предност за пазарење на сите лица над 60години.

Во Тинекс маркетите  се преземени сите потребни мерки за заштита и превенција на вработените и потрошувачите според насоките на Министерството на здравство. Како што информираат од Тинекс, на секои два часа се врши чистење на просториите и предметите со течен концентрат за дезинфекција, како наплатни каси, влезови во маркет, влезови за прием на роба и магацини, рачки од колички и корпи за пазарење, рачки од ладилници за замрзнати производи и др.  Дополнително, на повеќе места во маркетите се поставени известувања за заштита на потрошувачите, означени се места на растојание од 1 метар за стоење при чекање на каса, а за вработените е обезбедена  заштитна медицинска опрема, како ракавици и маски.

– Како компанија чии вработени и потрошувачи се секојдневно директно изложени на опасноста од вирусот COVID-19, пред нас стои голема одговорност да ги преземеме сите потребни мерки за дезинфекција и заштита на објектите, со цел соодветно да ги заштитиме нашите вработени и да не го загрозиме јавното здравје и здравјето на било кој поединец.
За нас, од исклучителна важност е да ги обезбедиме сите  услови за непречено пазарење  и покрај бројните ограничувања и опасности. Најважно е нашите потрошувачи да се чувстуваат безбедно и пријатно при пазарењето во било кој наш маркет. Нашите маркети постојано се снабдуваат со најпотребните прехрамбени производи и производи за лична хигиена, како би можеле потрошувачите во секое време да ги купат бараните производи, изјави Цветанка Христовска, бренд  директор на Тинекс МТ.

Преку јавно соопштение кое неодамна беше споделено на социјални страни на компанијата, Тинекс јавно им се заблагодари на своите вработени, кои во услови на ширење на вирусот COVID-19, мораат да работат во маркетите, магацините, погоните за производство и возниот парк, за да се задоволат барањата и потребите на граѓаните.

-Истовремено сакаме да упатиме огромна благодарност до нашите вработени кои во овој критичен период секојдневно и неуморно се вложуваат и овозможуваат работата во нашите маркети да се одвива непречено, без поголем застој и покрај вонредната ситуација и зголемениот обем на работа.

Покажувајќи секој ден голем професионализам, исклучителна храброст и силна посветеност кон работата, со што уште еднаш потврдија дека тие се хероите на Тинекс, без кои нашата компанија не би успеала во ниту една своја цел. Тие ни покажаа што значи да се биде вистински колега и не мотивираа да направиме се што можеме да им помогнеме и да ги подобриме условите за работа во овие моменти.