Тинејџерите го шират вирусот во Битола, се влошува епидемиолошката слика
Најголем број на новите случаи се во возрасната група од 10 до 19 година и од 20 до 29 год. Голем дел, особено од средношколците, биле на одмор или забави и концерти во Охрид
Анета Блажевска
БИТОЛА – Тинејџерите се најбројни од новозаболените во Битола со Ковид-19. Одморот во Охрид, забавите и прославите ја влошија епидемиолошката слика во градот каде од ден во ден расте бројот на новозаразени и хоспитализирани. Средношколците кои сами отпатувале на одмор во Охрид, се заболеле, па по враќањето дома прават семејни кластери, констатира Центарот за јавно здравје од Битола.
Во Битола во моментот има 151 заболен, а во текот на вчерашниот ден беше евидентирана највисоката бројка на заболени 20.
-Епидемиолошката состојба во Битола и регионот се оценува како неповолна со тренд на секојдневно зголемување на бројот на нови позитивни случаи. Најголем број на нови случаи се во возрасната група од 10 до 19 година и од 20 до 29 год. Голем дел, особено од средношколците, биле на одмор или забави и концерти во Охрид. По враќањето дома инфекцијата се шири меѓу членовите на семејството. Мал број од позитивните даваат податок дека биле на одмор во некоја од соседните држави, вели директорот на ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола прим. д-р. Елизабета Крстева.
На Инфективното одделение во Битола денеска се хоспитализирани 21 пациент од кои осум на дневна болница. Хоспитализираните се на возраст од 38 до 80 од Битола, Ресен, Демир Хисар и околината.
-Пациентите се со средно тешка и тешка клиничка слика. Тројца пациенти се во многу тешка состојба, а од хоспитализираните тројца се вакцинирани. Имаме наплив на Амбулантата за позитивни пациенти каде што доминира младата популација. За жал четвртиот бран започна многу порано од очекуваното, апелирам да се почитуваат препораките и што помасовно да се вакцинираат граѓаните, тоа е единствениот начин да излеземе од оваа пандемија, бидејќи праксата покажува дека кај вакцинираните доколку се заразат клиничката слика е полесна. Апелирам граѓаните да ги почитуваат препораките да се вакцинираат, бидејќи и другите болести имаат потреба од медицински третман не е само ковидот. Се уште болницата работи со редовен режим во Ковид центарот имаме доволно капацитети, но доколку продолжат да растат бројките со ова темпо, ќе бидеме приморани поради ротација на персоналот да преминеме во итно и приоритетно работење на другите специјалности, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничката болница Битола.
Во последниот период во Битола починаа двајца пациенти, а од почетокот на кризата починати се 306 пациенти.