Тимови на Стопанската комора од утре на „Табановце“ ќе ги следат процедурите за влез и излез на стоки


Фото: Б. Грданоски

Стопанската комора на Северна Македонија од утре до крајот на август ќе испраќа свои тимови на граничниот премин „Табановце“ за да утврди како течат постапките при увоз и извоз на стоки и дали се точни пријавите од компаниите дека нивни камиони таму се задржуваат и чекаат по три до четири дена.

Тимовите ќе бидат на Табановце од 9 до 15 часот и ќе имаат соодветни ознаки за да бидат препознаени од компаниите и службите. За нив е обезбедена и канцеларија од Царинската управа.

-Стигнуваат реакции од фрими дека чекаат по три до четири дена на Табановце. Сакаме да утврдиме дали е тоа навистина така, како течат постапките и процедурите, дали има ефект иницијативата Отворен Балкан. По утврдување на состојбите, ќе иницираме евентуална промена на регулативи или други решенија, зависно од согледаните проблеми. Времето на задржување на камионите е многу важно, но во нашиот фокус сега е да направиме целосно согледување на терен на целокупната постапка – не само времето, туку целата процедура: процесирање на докумненти, нивна обработка, сертификати за стоката, земање мостри, анализи,… Тоа ќе ни овозможи креирање соодветни предлози за промени и поголема ефикасност на процесот, рече на прес-конференција в.д. извршната директорка на Комората, Билјана Пеева Ѓуриќ.

Таа објасни дека Табановце е избран прв зашто е наш најфреквентен премин, но нема да биде и единствен, вакви „контроли“ Комората планира да спроведе и на другите гранични точки, а следна веројатно ќе биде Ќафасан.

-Ефикасното преминување на границите е круцијално зашто трошоците при долгото чекање се многу често поголеми од фактичките трошоци за царините. Дигитализацијата, транспарентноста и формалностите на границите се императив за непречен проток на стоки и напредок во овој дел има, а нашите служби се и поефикасни во регионот и некои европски држави во однос на помалку хартија за увозно-извозните постапки. Но, независно од ваквите извештаи, пристигнуваат реакции дека постои простор за подобрување на состојбите. На Табановце има колони камиони за влез и излез од државата. Затоа вработени во Комората од 9 – 15 часот ќе бидат на граничниот премин, а целта е да се согледаат ефектите од Отворен Балкан и генералната функционалност на граничниот премин, истакна Анета Димовска, координатор на првата група вработени во Комората кои ќе присуствуваат на Табановце во јули.

Стопанската комора најавува и дека од денеска на нејзината веб страница е објавен повик до компаниите – да ги адресираат сите нивни укажувања за проблемите и состојбите на Табановце.

Пред три месеци, на средбата со Стопанската комора на Србија која се реализираше токму на Табановце, беше констатирано дека царинските и полициските контроли за камионите траат околу четири минути, но целата постапка, со ветеринарните и фитосанитарните контроли, е околу половина час.

Во првиот квартал од годинава, обемот на размена со Србија е зголемен за 26 отсто. Нашиот извоз е зголемен за 34 проценти, а увозот бележи 23 отсто раст.