Тимот на „Медена земја“ поканет за членство во Американската филмска академија


Режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, како и продуцентот и монтажер на македонскиот документарен филм „Медена Земја“, Атанас Георгиев, се поканети да бидат членови на Американската академија за филмски уметности и науки.

Академијата ја доделува Оскар, најпрестижната филмска награда во светот.

– Академијата е пресреќна што може да ги покани овие успешни колеги патници во филмските уметности и науки. Ние секогаш со отворени раце го прифаќаме извонредниот талент кој ја отсликува богатата разноликост во нашата глобална филмска заедница, никогаш повеќе од сега , изјави претседателот на Академијата, Давид Рубин.

Церемонијата на свеченото доделување на Оскарите е закажана за 25 април 2021 во Лос Анџелес. Поместена е за два месеца подоцна од вообичаениот термин, поради пандемијата на коронавирусот.

Документарецот „Медена земја “ кој лани беше номиниран за Оскар во категориите најдобар документарец и најдобар интернационален филм и со тоа испиша историја во македонската кинематографија, раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.