Тимот лекари што ја изведува првата трансплантација на срце во Македонија


Министерот за здравство Венко Филипче, вечерва на неговиот фејсбук профил го откри тимот од кардиохирурзи кој ја спроведува првата операција – трансплантација на срце во Македонија.

„Тимот е под водство на Сашко Јовев (Државна Кардиохирургија), Жан Митрев (Клиника Жан Митрев) и Александар Николиќ (Клиника Систина) и Маја Мојсова анестезиолог (КАРИЛ) се подготвува за трансплантација. Експлантацијата е во тек. Им држиме среќа на сите“, напиша Филипче пред почетокот на операцијата.

Претходно вечерва тој најави дека се во тек подготовки за правење на првата трансплатација на срце во нашата земја.

„Имаме, за жал, почината пациентка чие семејство се согласи да го донира срцето и пациент, кој веќе подолго време чека донор. “, рече Филипче.

Oперацијата се извршува на Клиниката за кардиохирургија.

Инаку, порталот новатв.мк пишуваше дека уште во февруари во ресорното министерство најавиле дека годинава за прв пат трансплантацијата на срце е вклучена во Програмата за трансплантација, а предвиден е и буџет за нејзина реализација.