Тимоние сега е поголем оптимист за датумот


Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние му пренесол на премиерот Оливер Спасовски за време на нивната денешна средба дека Франција со оптимизам гледа на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Извештајот беше вториот чекор во процедурата што ја побара Париз по октомвриското вето на претседателот Емануел Макрон. Минатиот месец беше усвоена новата методологија за проширувањето на ЕУ.

Тимоние вели дека и извештајот и методологијата се охрабрувачка основа за донесување одлука за старт на преговорите со Македонија. Спасовски и Тимоние заклучиле дека извештајот, заедно со новата методологија за проширување му дава на процесот на преговори и на пристапување кон членство во ЕУ кредибилност и претставува добра порака за регионот.

Ако ставот на Франција полека се разјаснува не е јасно што ќе направи Холандија, која има голема резерва за датум за преговори за Албанија. Холандските пратеници од комисијата за европски прашања на 5 март ќе расправаат за проширувањето кон западниот Балкан, информира холандскиот парламент. Иако станува збор за „процедурална средба“ на парламентарната комисија за европски прашања на која пратеници ќе „одлучуваат за начинот на кој ќе се третираат“ разни документи, вклучително и „владини ноти“ за проширувањето на ЕУ и Западниот Балкан од неа веројатно ќе зависи ставот на Холандија.   (Н.В.)