Тимоние: „Метлата“ треба да замете по сите ќошиња


Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние во интервју за „Независен“ порачува дека евроинтеграцијата не смее да биде само наратив и политички маркетинг, а метлата“ на премиерот не смее да биде селективна и да проработи само таму каде што му се допаѓа, туку да замете по сите ќошиња. Сепак, оценува амбасадорот, многу поважно од тоа да се „скинат“ глави е да се обезбеди функционирање на правните институции, а не треба ни да се намали колективната улога на сите тие што биле дел од носењето храбри одлуки на Владата во изминатиот период. Борбата против корупцијата, според него, сепак е најважна и ќе треба да биде рефлексивна, односно свртена и кон самите себе. Лесно бараме влакно во окото на другиот, но не сакаме  да го бараме влакното во сопственото око, вели амбасадорот. Иако прогнозите навестуваат понепредвидлив и покомплексен Европски парламент, во пресрет на европските избори во Франија тој смета дека не треба да се драматизира бидејќи екстремната десница еднаш извојува веќе победа, а не се случија сеизмички потреси во земјата. Важно е, смета Тимоние, претседателот Емануел Макрон да има дури и симболична предност за да го продолжи европскиот проект.

 

Викендов има избори кои се сметаат за клучни за ЕУ. Проценките се дека ако освојат многу места екстремно десничарските партии, тоа може да ја растури Унијата од внатре. Kакви се вашите очекувања?

Гледам различни предвидувања што се доста комплицирани бидејќи станува збор за национални прогнози кои треба да се соберат заедно за да се утврди европскиот резултат. Но, во едно се согласни сите, дека стариот Европски парламент,со конзервативните десничарски партии и со  социјалдемократите воспостави своевидна рамнотежа и заедничко функционирање во ЕП, а таа конфигурација сега е доведена  во прашање. Се појавуваат други сили кои добиваат се повеќе на тежина, а се повеќе десничарски и популистички партии бараат заеднички основи врз кои ќе соработуваат, иако тие воопшто не се очигледни, особено околу односите со Русија. Се поставува прашање дали ќе успејат да се обединат со конзервативците, дали ќе успејат да придобијат некого или ќе останат сами.

Постои и друга сила, која е помалку европски експонирана од популистичките, либералите, кои можат да предизвикаат нерамнотежа, особено за „Републиката напред“, партијата на нашиот претседател, која за разлика од популистичките  партии не само што посакува да ја зачува европската архитектура,туку и да ја трансформира за да може истата да одигра улога околу светските предизвици. Тешко е за еден амбасадор да дава прогнози, но во едно можеме да бидеме сигурни – сега улогата на Европскиот парламент ќе биде многу посложена бидејќи во него ќе има четири различни силни струи. Некои ќе жалат бидејќи соработката меѓу социјалдемократите и конзервативците досега помогна ЕУ да напредува, но, од друга страна постои чувство кај голем дел од опозициските партии дека политиката се водела зад затворени врати. Ќе биде интересно да се види дали сега ќе се најде нова политичка игра, многу поотворена која повторно ќе ги заинтересира европските граѓани за изборите и за предизвиците. За нас Французите овие избори ќе бидат мошне важни, бидејќи од  една страна го имаме  европскиот проект на Емануел Макрон, а од друга страна евроскептичните сили. Овие екстремно десничарски сили во Франција многу  брзо напредуваа затоа  што тргнаа со целосно  оспорување на европската изградба и на одредени усвоени принципи. Тоа на европско ниво  станува незаобиколна тема, без оглед дали сакаме или не.Затоа, она што може да очекуваме од изборите во Франција е одредено разјаснување на предизвиците. Знаеме дека нашиот претседател спроведе одредени реформи кои, нормално, предизвикаа одредени тензии во внатрешниот политички живот на Франција, но ќе бидат важни за  повторно да може да се потврди европската опција.Двете изборни листи, на левицата и на десницата, на последните анкети се блиски една до друга во однос на поддршката на населението, но  во финалниот исход ќе биде важно да се потврди европскатаопција како мнозинска опција во земјата.

Како резултатите од изборите можат да се одразат на Македонија?

Ќе биде тешко да поверуваме дека ќе биде полесно да се направи чекор напред кон европската изградба, затоа што внатре во нашата земја ќе се поставуваат одредени прашања. Сепак, не треба да драматизираме затоа што за време на претходните избори радикалната десница победи и тоа не создаде знаете сеизмички потреси. Околу ставовите на Франција,знаеме дека во европските системи владите се тие кои имаат важна улога, а кај нас владата останува во рацете на „Републиката напред“, односно кај партијата на Макрон кој најверојатно ќе има важна тежина во именувањето на членовите на новата Европска комисија и во одлучувањето за новиот претседател на ЕК. Од наша страна би било важно да се потврди уште еднаш изборот што беше јасно кажан од францускиот народ пред две години, односно поддршката што ќе ја добие претседателското мнозинство да биде колку што е можно поблиску до таа за време на првиот круг на претседателските избори. Доколку тој има дури и симболична предност, тоа ќе биде позитивно. Доколку,пак, екстремната десница има повеќе гласови, тоа ќе биде значаен показател за нас дека евроскептицизмот расте кај нашето население и во Европа и затоа не ќе можеме толку многу да се бавиме со голем број на  реформи кои предизвикуваат одредени потреси во Франција и, поради кои, јавноста се повеќе се затвора во себе. Мислам,сепак, дека нашиот претседател, без оглед каков ќе биде исходот, е свесен за последиците и  ќе продолжи со охрабрувањето на ЕУ. Ако ја има симболичната поддршка од населението ќе му биде полесно, но доколку резултатите не се толку поволни, сепак мислам дека ќе продолжи европскиот проект и тоа ќе биде дополнителна причина за да се изрази француската волја за промена на  правилата на играта и да не се кријат повеќе проблемите под тепих, туку да се разговара за истите на масата.

Што се не сме исполниле ние се уште, за да добиеме датум?

Прво треба да го видиме извештајот што треба да го објави ЕК на 29 мај. Имаше своевиден патоказ што требаше да се исполни. Јас ке го поворам тоа што го кажа преставник на ЕУ, дека од одредени аспекти чашата е полупразна или полу полна. Зависи кој го гледа тоа. На крајот тоа ќе биде политичка одлука, затоа што ЕУ се наоѓа во чудна состојба, поради што и Франција побара што побрзо  да се реши прашањето со Брегзит кое многу ни тежи на нас. Без да се потценува судбината на Македонија, која е важна за вас но и за нас, внатрешниот неред што го создава Брегзит е важна тема во главните градови во ЕУ. Претседателот Макрон на средбата со сите амбасадори  во септември  ни кажуваше за неговата огромназагриженост што  една од најголемите држави во ЕУ се соочува со политички и со финансиски проблеми и што треба да се најдат дополнителни 11 милијарди евра во европскиот буџет. Тоа се суштински прашања за ЕУ и затоа климата очигледно не е еуфоручна. Но, не треба  да ја обвинуваме владата тука,  која направи се во тешки услови, кога се донесуваа уставните измени, за усвојувањето на Преспанскиот договор. Сите го знаеме тоа, ги признаваме напорите и ја поздравуваме целокупната работа што беше направена. Но, има и други прашања внатре во земјата, технички мерки,од кои одреден дел се донесени а дел се симболични. Пред се законот за СЈО кој не е второстепено туку важно прашање за кое се уште нема одлука и кое ќе треба да се реши на ваков или онаков начин. Престои уште работа за фамозната агенда, но за неа се помалку зборуваме овие денови бидејќи сакаме да го ставиме акцентот на Преспанскиот договор и на политичките причини  што ќе предизвикаат отворање на преговорите. Францускиот  став е јасен, ние го поддржуваме Преспанскиот договор и најважно е да постои и да биде спроведена целата агенда. Престои очигледно уште работа за која ќе бидат потребни уште неколку месеци. Сакаме работата  да биде завршена од техничка гледна точка, а за квалитет ќе биде потребно подолго време. Самите Македонци се свесни дека не можат да бидат среќни само со усвјувањето на законите додека не се види нивното спроведување на терен. Беа донесени голем број закони за да се задоволи меѓународната заедница, но понекогаш имаме впечаток дека на терен спроведувањето е бавно и тешко, а понекогаш дури и оставено настрана. Сакаме да ги избегнеме сите тие лоши искуства со кои се соочивме  во минатото со други земји, бидејќи нашата  јавност поставува прашање за самиот легитимитет на европската изградба и упатува големи критики  кон нашите влади поради тоа што д идеолошки причини беа потценети вистинските услови за создавање и за функционирање на заедничките вредности. Ни преостануваат неколку дена за да добиеме позитивни вести. Мислам дека е опасно да се фокусираме само на одреден датум во јуни, затоа што тоа може да ги зголеми очекувањата и да биде мотив за нешто што потоа ќе биде сфатено како заговор. Сите признаваат дека е почнат пат со голем напредок во повеќе области, но истовремено нам ни се случија нови проблеми, што се појавија пред две години, проблеми за кои не може брзо да се најде решение.

Како гледате на метлата на СДСМ и ветингот на ДУИ?

Нормите се променети, работите се менуваат во земјата. Тоа значи дека  привилегиите ќе бидат уште построги и  дека политичките партии ја разбираат нивната улога и неопходноста од транспарентности квалитет. Нешто што е сосема позитивно во сето тоа е чувството на длабоки и коренити промени. Мислам дека во одредена мерка ова може да звучи смешно, но сепак внесува доза на оптимизам во општеството овде. Ларош велеше дека лицемерието е почит што го прави порокот доблест,  односно кога сме принудени  да се преправаме дека поседуваме квалитет што не го поседуваме тогаш ние се поклонуваме на тој квалитет и на таа обврска. За самата „метла“ ќе кажам дека станува збор за малку незгоден концепт бидејќи, кога се однесува на влада која колективно донела храбри одлуки и кога им се објаснува на луѓето дека морало да се донесе тоа за да се постигне целта, не треба да се намали со тоа колективната храброст на сите оние кои беа храбри. Популистичкиот аспект тука не ми се допаѓа и затоа велам незгодно. И, второ, метлата не треба да биде селективна туку вистинска и да ги замете сите ќошиња, а не само ќошињата кои ви се допаѓаат, само левото или десното ќоше, јужното или северното. Тоа е малку опасно, зошто контролата треба да биде демократска и спроведена низ институции, на кои треба да им се врати кредибилитетот. На пример, Комисијата за борба против корупцијата е одлична работа, но таа не треба да се трансформира во маркентиншки трик или во институција за реваншизам. Затоа сме внимателни. Јас верувам во функционирањето на правните институции, а не само да се кинат глави. Она што највеќе не ми се допаѓа, особено во поглед на 27 април  е дека луѓе, кои се горе-долу виновници, се жалат сепак дека најголемите виновници се шетаат слободно во Скопје. И кога го пренесуваме тоа одговараат дека  треба  да се поднесат жртви, особено  за меѓународната зедница која го бара тоа, за тоа што се случи. Така што „метлата“ е слика но јас имам друга идеја за дигнитетот на политичкиот живот и за демократијата. А ,тоа воопшто не ја спречува борбата против корупцијата која сепак е најважна и ќе треба да биде рефлексивна, односно свртена и кон самите себе. Лесно бараме влакно во окото на другиот но, не сакаме  да го бараме влакното во сопственото око.

Која беше причината да ја објавите француската стратегија за регионот?

Француската стратегија е знак за нашата администрација и за нашите колеги дека овој регион има тежина. Регионот ни е важен иако често не го кажуваме тоа. Инвестиравме многу на воен и безбедносен план за време на југословенската криза за да се сочува Македонија, сега Северна Македонија, додека се соочуваше со најголемите тешкотии и сега можеби постои впечаток за своевидна стагнација. Нас не надвиснаа и други грижи, бидејќи Франција за разлика од другите европски земји, е присутна во различни воени операции надвор, но се уште го негуваме интересот за Балканот. Самитот во Берлин беше добар повод да го повториме истото.

Имам впечаток дека во најголем дел таа е насочена кон Србија, при што не е ни предвидена посета на висок функционер во Македонија. И на некој начин како да се нуди друга форма на соработка место членство во Унијата…

Србија  е најважната земја во регионот и земја која заедно со Косово има големо суштинско отворено прашање, така што  без нормализирање на односите меѓу нив би било мошне тешко да очекуваме нормализација на односите дури и со другите земји на ЕУ. Не зборувам тука за правниот туку за реалниот аспект на соработката, бидејќи оваа црна дупка ризикува да опстојува уште долго време со сложени прашања. Некои земји од ЕУ го признаваат Косово други не, и ќе бидеме во сложени односи. Што се однесува до Македонија ќе кажам дека таа погенерално е спомената преку соработката со Француската агенција за развој. Договорот за  соработка што треба да се потпише го прегледуваат различните служби овде. Со Севена Македонија ние  немаме никакви отворени проблеми и сега прашањето што си го поставуваме сега е како да ја интензивираме нашата соработка.И, благодарам  на бога што оваа земја веке нема проблеми со своите соседи и што повеќе не сме во љубов туку во конкретен љубовен чин, зошто љубовта во меѓународните односи се стекнува. Се не се сведува, исто така, само на посети. Она што ме интересира мене е да работиме конкретно за да ги задржиме младите, да го зголемиме интересот на претпријатијата да соработуваат, да ја обучиме вашата администрација , како и да ја  убедиме француската јавност за квалитетните реформи што се прават тука и генерално да придонесеме за промена на сликата на Балканот во Европа. Зошто еден ден граѓаните на ЕУ ќе треба преку референдум да се изјаснат за  приемот или не на една земја, а  Французите имаат своја престава за овој регион од деведесетите и од 2000-та наваму во која се уште се свежи сликите со насилство. Потребно е многу време за да се надмине таа слика. Не е доволно само да се потпише толку убав договор покрај езеро за да се избрише недовербата од минатото и лошите слики, како и од оценувањето  на судството и тн.Сакаме да работиме за независност на судството  и интеграцијата да не стане само наратив или политички маркетинг, туку да се стаббилизираат работите и да стигнеме до автентично слободно и либерално општество. Паралелно, да ја туркаме европската идеја и да ја зајакнуваме кај нашата јавност зошто Европа не стане да стане запоседната тврдина во која тие што се внатре не сакаат да излезаат а тие што се надвор да посакуваат и сонуваат да влезат.

 

Слободанка Јовановска