Тимерманс: Без Грета Тунберг немаше да имаме Европски зелен пакт

Потпретседателот на Европската Комисија задолжен за климата, Франс Тимерманс, и се заблагодари на климатската активистка Грета Тунберг, која денеска присуствуваше на неделниот состанок на еврокомесари, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Без нејзиното движење најверојатно немаше да го имаме Зелениот пакт, изјави Тимерманс.

Европскиот зелен пакт е врвниот приоритет на мандатот на оваа Европска Комисија, која денеска го усвои и првиот европски закон, со кој ЕУ се обврзува да постигне климатска неутралност до 2050.

-Грета Тунберг нѐ потсети дека планетата не им припаѓа на тие кои се на власт, туку на целото човештво, рече Тимерманс и додаде дека тој чувствува лична одговорност кон климатските прашања.

Климатската неутралност, или постигнување на нулта нето штетни емисии, треба да се постигне преку низа мерки и алатки во наредните триесет години. Доколку законот биде усвоен од Советот на ЕУ и Европскиот Парламент, Европската Комисија ќе може да ги коригира политиките на земјите членки доколку преземаат чекори кои ја оддалечуваат Унијата од неутралноста.

-Не станува збор за спас на планетата, планетата може сама да се спаси, доколку станеме штетни, таа ќе се ослободи од нас. Станува збор за спас на човештвото за да живееме во баланс и на еднаков начин, нагласи потпретседателот на Европската Комисија.

Тимерманс потсети дека воведувањето на климатски закон е во согласност со амбициите на самите земји членки на ЕУ, и дека целта е да се задржат на правиот пат.

ЕУ, исто така, ќе размислува за начини да се спречи заобиколувањето на климатските правила, една од опциите кои се разгледуваат е граничен „данок на карбон“.

Критики од новинарите беа упатени до Европската Комисија поради редовното патување на нејзините членови со авион за мали дистанци, како на пример до Стразбур. Тимерманс увери дека тој лично никогаш не патува со авион до Стразбур, туку со автомобил, но не и со воз, како што препорачува самата Тунберг. Тој потсети и дека самите институции на ЕУ се заложија да постигнат климатска неутралност во наредните дваесет години, односно десет години пред ЕУ во целост.

-Постојано зборуваме за тоа, како да го намалиме нашиот карбонски отпечаток кога патуваме во Стразбур. Ова ќе бара огромни напори, но јас патувам со автомобил, внимавам на типот на возило и секогаш со полн резервоар. Секогаш мораме да гледаме дали постојат опции со воз, некогаш не одговараат распоредите, но гледаме, и ќе се осигурам на највисоко ниво да биде сторено, следете нѐ и критикувајте нѐ, им порача Тимерманс на новинарите.