Тимчо Муцунски уште е во Австралија
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/Тимчо-Муцунски-Австралија.jpg)
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, би требало да е на пат кон Европа, но ако се суди според соопштенијата на Министерството за надворешни работи тој е уште во Австралија. Таму замина на 6 февруари.
Во денешното соопштение се наведува дека во Канбера биле одбележани 30 години дипломатски односи со Австралија на пригоден настан.
На настанот свои обраќања имале локални претставници – Ана Али, министер за локална самоуправа и млади на Западна Австралија и Касандра Фернандо, пратеник во австралискиот парламент.
МНР вели дека на одбележувањето биле претставниците на македонската заедница, истакнати стопанственици, министри од федералната и регионалната влада, пратеници и претставници на дипломатскиот кор.
Муцунски нагласил дека неговиот престој таму е прва посета на високо политичко ниво по 15 години. Таа претставувала силна потврда за заемната заложба за интензивирање на политичката, економската, културната и севкупната соработка од заемен интерес. Посебен акцент беше ставен на улогата на македонската дијаспора во Австралија, која претставува силен мост меѓу двете земји.
Најзначајна средба на Муцунски во австралија беа разговорите со министерката за надворешни работи Пени Вонг.
Според најавите, Тимчо Муцунски треба од Австралија да оди на Минхенската безбедносна конференција, која почнува денес.