Тилда Свинтон во ново светло како глобална амбасадорка на „Картие“


„Чувството дека истражувате непознати предели, дека не знаете сосема што правите, а сепак сте отворени за восхит и чудење – сето тоа, би рекла, се суштински предуслови за највредните животни авантури, од каков било вид“, размислува Тилда Свинтон.

Ова се идеи што и Свинтон и париската куќа за накит Cartier ги препознаваат како вистинити. Тие ја сочинуваат основата на новата колекција на куќата, насловена „Into the Wild“ (Во дивината), како и на првата кампања на Cartier во која Свинтон се појавува како новоименувана глобална амбасадорка.

Почитуваната актерка и модна икона никогаш не бегала од експериментирањето; нејзиниот извонреден животен дух нашол живописен израз низ многубројните улоги и форми што ги презела. Истото важи и за нејзиното ново поглавје со Cartier, каде што занаетчиската вештина е во преден план, а на имагинацијата ѝ е дадена целосна слобода.

Од времето кога била студентка во Кембриџ, па сè до освојувањето на наградата „Оскар“, две награди БАФТА и „Волпи купот“, како и номинациите за пет награди на Здружението на филмски актери (SAG) и четири награди „Златен глобус“, успехот на Свинтон е резултат на напорна работа. Сепак, признанијата никогаш не биле нејзиниот главен двигател, ниту пак ја дефинирале нејзината страст за живот. Наместо тоа, нејзината работа е поттикната од длабока посветеност кон раскажувањето приказни – кон самата уметност на раскажување и кон нејзините можности во секој медиум.

Во серијата кратки филмови во кои Свинтон ја позајмува својата нарација, Cartier ги истакнува занаетчиите и нивните традиционални вештини – од работа со златен лак и маркетри (интарзија) до мозаици и хартиени барељефи. Покрај овие занаетчии и нивните дела, секако, се наоѓаат и животните од накит на оваа модна куќа, како и безбројните начини на кои тие се оживеани од нејзините мајстори.

„Она што ме фасцинира кај колекцијата ’Into the Wild‘ е тоа што овие суштества не претставуваат само нешто – тие како да постојат целосно според сопствените правила. Преку извонредна занаетчиска вештина, имагинација и многу досетливост, Cartier на секое од нив му дава посебен и живописен карактер“, вели актерката.

Во овие рачно изработени, крајно фантастични светови е вткаена цврста човечка димензија. И покрај разиграните форми од скапоцени камења што ги попримаат животните, нивното постоење е возможно само благодарение на допирот на вештите раце и човечката способност да се замислат такви можности.

„Тие делуваат чудесно живо, како секое од нив да зачекорило во светот носејќи своја приказна и со желба да ја сподели“, вели Свинтон. „Оваа средба со дивата природа е сосема безопасна – како детски сон за далечниот хоризонт, колку и да е егзотичен тој, како и сон за хармонија и пријателство меѓу сите.“

Во ексклузивно интервју за „Vogue Singapore“, актерката зборува за вткајувањето на својот креативен израз во новата улога на глобален амбасадор на „Cartier“, како и за тоа што ја привлекло кон фантастичниот свет на колекцијата „Into the Wild“.


Што ве привлече кон духот на овие фасцинантни суштества од колекцијата „Into the Wild“?
Гламурот и мистеријата на џунглата и широката савана заземаат слично место во мојата имагинација како и пејзажите на дивите предели поблиски до мојот дом, кои ми се толку драги. Уникатното, горделиво држење и авторитетот на овие суштества – од кои секое е сè поретко на нашата планета – значат дека тие, по самата своја дефиниција, се скапоцено богатство, исто како и накитот што оживува преку нив во рацете на „Cartier“. Тие будат и восхит и желба за блискост со нив – тие поттикнуваат поврзаност.

Накитот на „Cartier“ инспириран од животинскиот свет има богата историја. Што најмногу ве привлекува во пристапот на модната куќа кон оживувањето на овие суштества?
Вистинската алхемија на овие дела, низ легендарната приказна на „Cartier“, лежи во уметничкиот пристап при нивната изработка и во начинот на кој духот на самиот мотив е доловен преку духот на величествените занаетчии што ги создаваат. Секој детал плени и се движи со неверојатна инвентивност и стил; тие се секогаш неочекувани и постојано го редефинираат воспоставениот стилски код на куќата.

Иконичниот пантер доминира во животинскиот свет на „Cartier“. Што за вас претставува ова симболично суштество, како и разновидниот животински свет во колекцијата?
Харизма, отменост, авторитет, самостојност, непобитна убавина – и врвно достоинство.

Колекцијата „Into the Wild“ зборува за „слобода на духот“ што ја пренесуваат овие суштества. Како тоа се одразува на вашиот креативен израз?
Според мене, „Into the Wild“ го опишува клучниот прв чекор по нова патека при започнувањето на нов уметнички потфат. Чувството дека откривате нешто ново, неизвесноста околу тоа што точно правите, како и отвореноста кон чудесното и восхитот – сето тоа, би рекла, се суштински предуслови за највозбудливите авантури, од каков било вид во животот. Визуелните елементи на кампањата создаваат впечатлив дијалог меѓу вас и суштествата од колекцијата „Into the Wild“.

Што ве привлече кон овој креативен свет?
Атмосферата на фантазија и ветувањето за пренесување во еден наративен свет – истовремено далечен и крајно волшебен со својот разигран и бајковит амбиент.

Секое од суштествата во „Into the Wild“ поседува уникатен карактер и идентитет. Дали имаше некое што особено ви се допадна?

Многу ми се допадна крокодилот. Тој е толку насмеан. А во забите држи дијаманти… (Вог Сингапур)