„Тиквеш“ со четири златни медали и една специјална награда на „Citadelles Du Vin“ 2020 во Франција

Вина на „Тиквеш“ и на „Tikveš Châteaux & Domainеs“ освоија пет високи признанија на престижниот вински натпревар „Citadelles Du Vin“ 2020, кој традиционално се одржува во близина на Бордо, Франција. Златни медали добија три вина од премиум бренд платформата „Tikveš Châteaux & Domainеs“ – „Domaine Lepovo Grand Cuvée“ 2016, како и „Vase de Pierre“ 2018 и „Terrasse à L’Ombre“ 2018 од француската винарница „Château de Gourdon“, што е дел од „Тиквеш“, а со златен медал се закити и „Vranec Special Selection“ од бербата 2017.

Дополнително, црвеното „Barovo“ од бербата 2017 ја освои специјалната награда „MACEDONIA SPECIAL PRIZE“.

Овој успех е постигнат во конкуренција на 719 вина од 29 земји од светот, меѓу кои и неколку од регионот. Освојувајќи ги петте највисоки одличја, Винарската визба „Тиквеш“ уште еднаш ја потврди позицијата најуспешна меѓу винарниците од регионот. Со ова „Тиквеш“ значајно го надогради успехот постигнат на минатогодишното издание на „Citadelles Du Vin“, кога освои три сребрени медали.

„Citadelles Du Vin“ е натпревар кој се одржува во еден од најзначајните и најпознати светски вински региони (Бордо) и има мисија да ги поддржи и промовира квалитетот и различноста на вината произведени ширум светот. Наградените вина дополнително добиваат и презентација на „Винекспо“ – Бордо и „Винекспо“ – Хонг Конг, со што остваруваат промоција пред француските и интернационалните потрошувачи и љубители на виното.

Вината на „Тиквеш“ веќе со години се најтрофејни во Југоисточна Европа, а само од почетокот на оваа година освоија речиси 20 медали и тоа на престижни натпревари одржани во Кина, Франција и во Германија.