„Тиквеш“ потпишува договори со лозарите пет месеци пред откупот, цените повисоки од лани

На овој начин сакаме да им дадеме поголема сигурност на лозарите и да го зајакнеме нашето партнерство, вели првиот човек на „Тиквеш“ Светозар Јаневски


 

Откупни цени на грозјето повисоки од минатата година, опција за плаќање во рок од седум дена од денот на приемот на грозјето, субвенции за заштитни средства,  стручна помош за добивање на што повисок квалитет со цел на добивање што поквалитетно вино, се дел од критериумите кои денеска во Кавадарци им ги соопштија од Винарската визба „Тиквеш“ на лозарите од Тиквешијата. 

Оваа година „Тиквеш“ почна со потпишување на договори со лозарите пет месеци пред годинашниот откуп на грозјето, понудувајќи им на лозарите највисоки цени. 

„На овој начин сакаме да им дадеме поголема сигурност на лозарите и да го зајакнеме нашето партнерство, што е наша стратешка определба“, рече претседателот на УО на „Тиквеш“, Светозар Јаневски, посочувајќи ја потребата од почитување на стандардите за одгледување на грозјето кои се неопходни за производство на квалитетни вина кои се барани на пазарите во светот. 

Така, како што беше посочено на средбата, за „вранец“ за розе вино планираната цена е 13,5 денари за килограм за соодветна шеќерност, за „вранец“ за црвено вино планираната цена е 16 денари за килограм, а за „смедеревката“ 12 денари за килограм. 

Посебен акцент ќе се стави на квалитетот на грозјето, при што за она со највисок квалитет што може да се употреби за производство на премии вина предвидени се посебни цени и  бонуси кои може да бидат и до 50 отсто повисоки од основната цена, како и пофлексибилни рокови за плаќање кои се многу пократко од законските. 

„Винарската визба ‘Тиквеш’ има интерес да ги откупи сите расположливи количини од сортите ‘шардоне’, ‘ризлинг’, ‘темјаника’, ‘мерло’, ‘кабрне совињон’, согласно критериуми кои дополнително ќе бидат соопштени вклучувајќи ја и цената која ќе биде повисока за пет до седум отсто“, беше соопштено на средбата. 

На средбата со лозарите раководството на „Тиквеш“ го презентираше начинот на којшто ќе се одвива меѓусебната деловна соработка која, како што беше нагласено, ќе се темели на почитување на светските стандарди за одгледување на лозјата како и точните критериуми според кои ќе се одредува квалитетот на грозјето, согласно најдобрите светски практики и барањата на пазарите каде се пласира виното на „Тиквеш“. 

Јаневски истакна дека во наредниот период ќе работат македонските вина да се најдат на светската винска карта според обележјата кој се карактеристични за секоја сорта.

Инаку, од „Тиквеш“ очекуваат годинава да бидат потпишани над 2.000 договори за деловна соработка со лозарите.