ТикТок го надмина Гугл и стана најпосетуваниот интернет домен во светот


Услугата за споделување кратки видеа ТикТок стана најпосетуваниот интернет домен во светот во 2021 година, наоѓајќи се пред минатогодишниот лидер Гугл, кој е дел од холдинг компанијата Алфабет, според американската технолошка компанија Cloudflare Radar.

Социјалната мрежа Фејсбук го зазеде третото место на листата на најпосетувани домени, вклучувајќи веб-страници и апликации, во последната година, четвртото – Мајкрософт, а петтото – Епл.

Во првите 10 се и Амазон, Нетфликс, Јутјуб, Твитер и Whatsapp.

ТикТок првпат се искачи на прво место на 17 февруари, а од 10 август речиси секој ден е пред Гугл по посети. Според Sensor Tower, апликацијата TikTok е „симната“ три милијарди пати до јули оваа година.
Мрежата, во сопственост на кинеската компанија Bytedance, претходно известуваше за повеќе од милијарда активни корисници месечно.

Од лансирањето во 2018 година, TikTok е предмет на контроверзии, од забрани во Индија до проблеми во Соединетите држави со објавени содржини за малолетници. Ја поврзуваа дека работи под надзор на кинеската држава, но од компанијата тоа го демантираа.

Видеата за храна и рецепти станаа клучен дел од успехот на ТикТок , а виралните видеа добија милиони прегледи.

Како резултат на тоа, во март во САД ќе биде лансирана нова услуга за испорака на храна наречена TikTok Kitchen, која ќе им овозможи на луѓето да нарачуваат јадења што првично биле направени во вирални видеа.

Менито ќе се заснова на највиралните трендови и ќе вклучува курсеви како подготовка на „тестенини со фета“, што Google го рангираше како најпопуларно јадење во 2021 година.