Тихановска побара од европските министри повеќе „храброст“ за санкции против Лукашенко

Светлана Тихановска на прес-конференцијата во Брисел (Фото: АФП)

Главна пречка за воведување санкции е Кипар, кој бара ист таков пристап и спрема Турција поради дупчењето на морето во близина на неговиот брег

 

Белорускaта опозициска лидерка Светлана Тихановска во понеделникот (21.09.) ја повика ЕУ да покаже храброст и да воведе санкции за режимот на Александар Лукашенко, додека блокот продолжува да се соочува со внатрешни расправии околу санкциите пред клучниот самит за надворешната политика подоцна оваа недела.

Зборувајќи пред министрите на ЕУ пред нивните официјални разговори за Белорусија, додека тие подготвуваа санкции против режимот во Минск за изборни местења и брутална акција за мирни антивладини протести, Тихановска ги информираше за моменталната состојба.

„Санкциите се многу важни во нашата борба, бидејќи санкциите се дел од притисокот што ќе ги принуди т.н. власти да започнат дијалог со нас“, рече таа пред новинарите.

„Лидерите на ЕУ имаат причини да не притискаат за санкции, но ги замолив да бидат похрабри“, рече Тихановскаја, која по изборите избега во Литванија.

ЕУ го отфрли резултатот од гласањето на 9 август и висок официјален претставник рече дека министрите ќе разговараат дали да повикаат на нови избори, предупредувајќи дека работите брзо се влошуваат.

„Она што го гледаме сега е јасно влошување на ситуацијата – имаме поголема репресија, повеќе лица уапсени, присилени во прогонство“, рече официјалното лице.

Брисел исто така треба да ги погоди членовите на режимот на Лукашенко со замрзнување на средства и забрани за патување.

Според високи претставници на ЕУ, нацрт-списокот за санкции содржи имиња на околу 40 белоруски службеници.

Сепак, одлуката за листата е заглавена поради противењето од Кипар.

Никозија, која има добри односи со руските сојузници на Лукашенко, продолжува да го блокира усвојувањето на санкциите во обид да се принуди на одлука за санкции против Турција заради долготрајниот спор за дупчење на поморскиот гас.

Според извор од ЕУ, на појадокот со министрите за надворешни работи на ЕУ, Тихановска не разговарала со кипарскиот министер за надворешни работи.

Во исто време, трпението во Источна Европа е при крај, а министерот за надворешни работи на Летонија, Едгарс Ринкевич, бурно се спротивставил на блокадата на Кипар на Твитер.

„За жалење е што денес не можевме да одлучуваме за санкции за кршење на човековите права таму поради ‘заложништво’ од страна на земја-членка. Испратен погрешен сигнал до Белорусите, нашите општества и целиот свет“, напиша тој.

Кипарскиот министер за надворешни работи, Никос Христодулидес, го бранеше ставот на неговата земја, инсистирајќи на тоа дека ЕУ мора да има кохерентен одговор на кршењето на суверенитетот и човековите права.

„Нашата реакција на какво било кршење на нашите основни основни вредности и принципи, не може да биде a la carte. Треба да биде конзистентно“, рече тој.

По состанокот, главниот дипломат на ЕУ Жозеп Борел потврди дека „потребната едногласност не беше постигната“.

„Не го обвинувам Кипар за ништо. Но, совршено е јасно дека ни е потребен Кипар за да добиеме едногласност“, изјави Борел пред новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, додавајќи дека „совршено ја разбира ситуацијата на Кипар“.

Тихановска, која прес-конференцијата ја држеше во дипломатската мисија на Литванија, јасно стави до знаење дека опозицијата сака да се обезбеди дополнителните 53 милиони евра ставени на маса минатиот месец од страна на Европската комисија да не завршат во касата на Лукашенко.

Само мал дел од тие средства, околу 3 милиони евра, се доделени на граѓанското општество, додека преостанатите 50 милиони евра се наменети да му помогнат на здравствениот систем да се справи со Ковид-19.

Тихановска рече дека опозицијата подготвува планови „како да ги префрлиме овие пари директно во болници, директно на луѓе кои страдаат од Ковид и мислам дека ќе… успееме да го направиме ова“.

Персоналот на Тихановска рече дека ја искористиле можноста да разговараат за овие планови со Европската комисија и изјавија дека веруваат оти режимот на Лукашенко има пари за само уште шест до осум недели.

Во исто време, Лукашенко најави дека ќе се прошират тековните воени маневари со Русија за да спречи наводна закана од Западот.

Вежбата наречена „Словенско братство“ сега треба да трае до петок со учество на 1.000 руски војници. (Еурактив)