Тие што ставаат вето не излегуваат за кафе, вели Маричиќ

Вицепремиерот е изненаден што некои сега се изненадени од заклучоците на ЕУ и одлуката за почеток на преговори со Украина и Молдавија


Фото: Б. Грданоски

 

По уникатното откритие во Македонија дека лидерите на ЕУ можеле да донесат одлука и без да има едногласност, односно дека и бугарскиот премиер Кирил Петков можел да излезе од гласањето за да пие кафе по сугестија на германскиот лидер Олаф Шолц, вицепремиерот Бојан Маричиќ порача денес дека тоа звучи симпатично, но сите знаеме како се носат одлуките во ЕУ.

Според него, да сакал унгарскиот премиер Виктор Орбан да стави вето за преговорите со Украина, ќе останел, а бидејќи сакал одлуката да помине на некој начин – излегол да се напие кафе надвор од салата. 

„Симпатично звучи, меѓутоа знаеме дека како се носат одлуките во ЕУ. Напуштањето на некој начин од страна на унгарскиот премиер на состанокот подразбира согласност, бидејќи ако останел во салата и гласал против, одлуката немало да помине. Ние сме го виделе тоа повеќе пати. Јас сум сигурен дека ова е некое компромисно решение кое придонело заради целата ситуација околу Украина и добро е што се донесе таа одлука. Ние не треба да се потпираме на вакви ситуации, треба да сме свесни дека во наш случај сме имале држави членки кои останале и се изјасниле против. И тоа е суштинската разлика – ако немате држава членка која станала и се изјаснила против, тогаш одлуката може да помине“, изјави Маричиќ. 

Нам, рече тој, ни е најважно што пишува во заклучоците на Европскиот совет, а тоа значи дека штом се направат уставните измени, без понатамошно одложување и без нова политичка одлука, ќе имаме втора меѓувладина конференција, на која ќе се отвори првиот кластер за продолжување на преговорите со ЕУ.

Коментирајќи ги оценките во јавноста околу последниот самит тој рече дека е „изненаден што некои се изненадени од заклучоците на ЕУ“.

„ЕУ го исполни своето ветување кон Украина и Молдавија. Пред три години тие земји немаа перспектива  за членство. Ние тоа треба да го поддржиме“, рече Маричиќ. Тој објасни потоа  колку е важен геополитичкиот моментум бидејќи во 2019 година сме имале многу добри оценки во извештајот, сите ни аплаудирале, но немало расположение за проширување и место тоа, францускиот претседател излезе со барањето за нова методологија за преговарање. 

„Можевме да бидеме ѕвезди на самитот со Украина и Молдавија. Тоа беше нашиот план, но не успеа од една причина – неизгласувањето на уставните измени. Сега кога се изненадени невладините организации нека се сетат што зборуваа минатата година“, рече Маричиќ, порачувајќи на крајот дека треба да се бориме „да не ни биде криво, туку да бидеме на бина кога ќе се слават нови членки на ЕУ“. 

Изјавата Маричиќ ја даде на форумот организиран од институтот „Политикум“ и Фондацијата „Фридрих Еберт“, озаглавен како „Геополитичко проширување, нови можности и стари ризици?“.

Алудирајќи на насловот, премиерот Димитар Ковачевски рече дека ризикот за евроинтеграцијата на Македонија не е стар, туку ист и од исти луѓе и дека никогаш досега не сме имале појасен заклучок од последниот самит на ЕУ. 

Радмила Шекеринска, Бојан Маричиќ и Рената Треневска-Дескоска за конференцијата на „Фридрих Еберт“ и институтот „Политикум“ (Фото: Б. Грданоски)

 

„На овој самит имавме празен гол, чист пенал, но заради Левица и ВМРО-ДПМНЕ ние не шутиравме. Сѐ што слушате денес е замена на тезите, дали сме правеле реформи или не… Некој заради личен политички профит  ја повтори 2008-та без да каже притоа алтернатива како понатаму“, рече Ковачевски.

Според него, не смее стратегиска одлука да се меша со дневните тактички реформи и не може постојано да бараме изговори, давајќи ја како пример антиквизацијата кога, како што рече, место да одиме 100 години напред, сме отишле сто години назад. 

„Во Хрватска никогаш не сме оделе за работа како сега, туку само за одмор. Сега платите таму се трипати поголеми. Во 2016 година, кога дојде крајот на лагата, видовме дека не сме мрднале ни милиметар во развојот – пензиите беа 8.000 денари, а толкава беше и минималната плата. Сега пензиите се зголемени 50 отсто, а минималната плата 100 отсто“, посочи Ковачевски проценувајќи дека во 2025 година невработеноста за првпат ќе биде едноцифрена. 

Порано во Хрватска одевме на одмор, а сега по работа, вели премиерот Ковачевски Фото: Б. Грданоски

 

Тој оцени дека европерспективата сега е реална бидејќи ЕУ, ако не се проширува, ќе стагнира.

„ЕУ мора да има повисоки стапки на раст, а тие се поврзуваат со нови ресурси“, оцени Ковачевски, објаснувајќи ја со тоа одлуката за преговори со Украина, Молдавија и кандидатскиот статус за Грузија, заедно со Планот за раст за Западен Балкан. 

„Правилото ‘кој чека ќе дочека’ е за дефетисти. Добива тој што гради. Ние сме виделе што значи чекање. Не бидува наши инженери да работат во ‘Мекдоналдс’. Мора да се донесе одлука за иднината“, рече Ковачевски. 

Радмила Шекеринска, како претседател на „Политикум“, оцени дека секое проширување на ЕУ било геополитичка одлука, најчесто заради безбедносна причина и дека ЕУ не може да биде релевантна без завршување на процесот. Таа смета дека геополитичките поместувања ќе ја подотворат вратата на ЕУ, но таа можност нема да трае предолго и не е гарантирана на долг рок. Според неа, можно е да се создадат две групи – една која реално ќе преговара и друга која ќе чека.

„Тезата дека нема потреба да брзаме со ЕУ е погрешна, нереална и многу опасна“, оцени Шекеринска.

Тезата дека нема потреба да брзаме со ЕУ е погрешна, нереална и многу опасна, вели Радмила Шекеринска (Фото: Б. Грданоски)

 

Таа изнесе податоци од истражување, според кои 72 отсто од граѓаните очекуваат Бугарија и натаму да ни става сопки, 64 отсто пак очекуваат да се зголеми поларизацијата во Македонија, а 61 отсто –  да порасне евроскептицизмот во земјата. Таа препорача да се изгласаат уставните измени бидејќи ниту еден политички фактор тука не рекол дека се ризик, туку дека се плашат од нови услови од Бугарија. Таа побара и ЕУ одвреме-навреме да седне на билатералната маса меѓу нас и Бугарија за да се најде одржливо решение, реформите да се сфатат како цел за дома не за ЕУ, Унијата да ја гарантира 2030 година како своја агенда, сите што ја усогласија својата надворешна политика со Унијата да имаат маса во Советот на ЕУ и да има бенефиции  пред членство.

Фото: Б. Грданоски

 

Гостинот од Грција, Лукас Цоукалис од Инситутот ЕЛИАМЕП оцени дека ЕУ сака да биде геополитички актер и затоа и треба „цврста моќ“, што доведе до одлуката да се прошири кон Украина, Молдавија, Грузија и Западниот Балкан. Тој исто така рече дека ако не спроведат внатрешни промени, меѓу кои и значајно редуцирање на гласањата со консензус, ЕУ со 35 земји членки ќе биде апсолутна катастрофа и модел за нефункционалност. Но, посочи тој, неколку земји го поддржуваат проширувањето, а не се подготвени да се откажат од досегашниот начин на гласање и да стават пари, како што рече, таму каде што им е устата.